Зоран Шапуриќ во посета на прилепскиот регион: Земјоделските инспектори се постојано на терен во надзор на откупот на тутун

Директорот на Државниот земјоделски инспекторат, Зоран Шапуриќ,
градоначалникот Илија Јованоски и раководителот на Подрачната единица на
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – Прилеп,
Зоран Пачешкоски, денеска беа во посета на откупниот пункт на компанијата
„Алијанса“ во Прилеп, каде извршија увид во начинот на кој се откупуваат
преостанатите договорени количества на тутун од годинешната реколта.

„За месец и пол ова е моја деветта посета на Прилеп и прилепскиот регион.
Денеска планираме да посетиме повеќе откупни пунктови, односно околу 30. Би
сакал со јавноста да ги споделам следните податоци, имено во 2015 година
Државниот инспекторат извршил 1.432 инспекциски надзори поврзани со
откупот на тутун, во 2016 извршил 758, во 2017 имало 3.440, во 2018 година
2.850, во 2019 биле 2.990, а од почетокот на годинава заклучно со завчера
извршени се 364 инспекции на откупните пунктови, што значи дека
инспекторите се постојано на терен.

Ние разговараме со откупувачите, во интерес на тутунопроизводителите што
подолго да бидат отворени откупните пунктови, а кога ќе нема прилив на тутун
да има дежурни пунктови, затоа што откупот трае до 29 февруари.

Последниот податок од утринава до 9 часот е дека се откупени 96.2 отсто од
договорените количини на тутун, процент кој тековно се менува, што значи дека
денеска откупот ќе достигне околу 97 отсто“, изјави Шапуриќ,

После Прилеп, Директорот на Државниот земјоделски инспекторат продолжи
во посета на откупните пунктови во регионот на општина Долнени, при што во
населеното место Дебреште изврши увод во процесот на откуп на тутун од
страна на компаниите „Сокотаб“ и „Алијанса“.

До сега исплатени се 98 отсто од откупените договорени количества на тутун, а
тутунопроизводителите ги добиваат парите просечно за три дена од
предавањето на тутунот.