Реализацијата на инфраструктурните проекти во ООУ „Блаже Конески“ започнати
минатата година, со ист интензитет продолжија и во тековната 2019 година. Со
помош на локалната самоуправа и градоначалникот Илија Јованоски кои, како што
вели директорката на училиштето Каролина Николоска, имаат разбирање за
важноста на образовните институции, и за време на летниот распуст но и сега, во
ООУ „Блаже Конески“ се работи на низа проекти чија цел е подобрување на
условите за следење и изведување на наставата.
„Во моментов се работи на уредување на училишниот двор со бетонски блокови,
со финансиски средства добиени од блок дотација за наменски потреби во
вредност од 1.341.309,00 денари, а во централното училиште имаме изградено и
парапетен ѕид со бетонски блокови, чија вредност е 94.000,00 денари.
Истовремено, во училиштето е извршена реконструкција на електричната
инсталација во 24 училници, со што се зголемува безбедноста на учениците и се
овозможува непречено функционирање на информатичката технологија“,
истакнува Николоска.
Во училиштето се реконструирани ходниците и водоводната мрежа, а големи
зафати беа преземени и во подрачното училиште во населбата Варош.
„Станува збор за објект изграден во 1920 година, во кое долго време немаше
извршено санација и каде ги саниравме санитарните јазли, инвестиција вредна
789.000,00 денари. Во сите училници го сменивме подот и наместивме ламинат,
поставена е нова ПВЦ дограма и спуштени тавани. Во завршна фаза е
изработката на предмер пресметка за хортикултурно уредување на училишниот
двор, чиј дел ќе биде и детскиот полигон, а целосно ќе биде сменета и оградата“,
нагласи директорката на ООУ „Блаже Конески“, Каролина Николоска.
Николоска потенцираше дека веќе се изработени предмер пресметки за фасадата
и за молерисување на сите училници во централното училиште, како и за набавка
на нагледни и дидактички средства и помагала за наставниците, во насока на
зајакнување на воспитно-образовниот процес. Исто така, во план е набавка на
училишни клупи и столчиња, а училиштето посветува внимание и на
дополнителната едукација на наставниците.