Општина Прилеп и здружението на граѓани „Прилепски мечкари“, ги започнаа припремите за годинешното издание на меѓународниот карневал „Прочка 2018“. Од 16 до 19-ти февруари, по 17-ти пат, низ прилепските улици ќе продефилираат околу 1.000 учесници на карневалот, меѓу кои и гости од повеќе европски држави.
Претседателот на здружението на граѓани „Прилепски мечкари“, Ванчо Георгиев, вели дека низ годините наназад карневалот прераснал во респектабилна манифестација, која се вбројува меѓу најдобрите на Балканот. Според него, тоа што градоначалникот, Илија Јованоски во целост ја прифатил предложената програма за „Прочка 2018“, гарантира дека и оваа година прилепскиот карневал ќе го задржи реномето.
„Локалната самоуправа останува главниот двигател на карневалот. Градоначалникот Јованоски ја прифати целата програма што му ја предложи здружението, што значи дека пред прилепчани ќе се претстават околу 1.000 учесници со повеќе од 100 маски. И оваа година, исто како и минатата, очекуваме над 300 гости од Италија, Хрватска, Словенија, Србија, Бугарија и Албанија“, вели Георгиев.
На меѓународниот карневал „Прочка 2018“, прилепчани ќе можат да видат традиционални, современи и детски маски.
Пријавата за учество на годинешниот 17-ти меѓународен карневал „Прочка 2018“, како и повеќе информации за оваа манифестација на www.karnevalprilep.mk