Во присуство на премиерот Зоран Заев, амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар, министерот за танспорт и врски Горан Сугарески, градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, Роберт Бешовски, градоначалник на Градско, Бранко Јанев, градоначалник на Росоман и Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци, денеска започна втората фаза од изградбата на делницата Градско – Дреново на експресниот пат Градско – Прилеп во должина од 16 километри. Станува збор за проект вреден 23 милиони евра што ќе трае две години, а изведувач е италијанската компанија Тирена Скави.
„Денеска имам посебна причина да сум тука и да ги поздравам граѓаните на вардарскиот и пелагонискиот регион. Денеска сме тука да ја стартуваме новата фаза од реализацијата на експресниот пат Градско – Дреново,на иницијатива која дојде како барање на граѓаните од овие два региона. На овој начин граѓаните од: Градско, Росоман, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Битола, Крушево, Кривогаштани и други поголеми и помали населени места зедоа директно учество во инклузивните програми на Владата. Се вклучија во инклузивни предлози да почне и да се заврши овој експресен пат како исклучително важна делница од Коридорот 10 и исклучително важна патна артерија за двата региона, за граѓаните и за компаниите“, истакна премиерот Зоран Заев.
Проектот Градско-Дреново е финансиран во рамки на ИПА 2 програмата, преку грант во висина од 26.5 милиони евра, а неговото завршување се очекува во средина на 2020 година.
„Патот е дел од кракот Д на коридорот 10, делница која оди од Велес кон Игуменица, преку Прилеп, Битола, Лерин, познат и како Виа Игнација – Коридорот 10 е најважната меѓународна рута која поминува низ земјата. Тој го поврзува регионот со останатиот дел на Европа. Ги поврзува сегашните и идните земји членки“, рече евроамбасадорот, Самуел Жбогар.
Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, изградбата на патот е значајна за сите жители од Градско, Росоман, Кавадарци, Прилеп, но и за сите други кои гравитираат во овој регион.
„Експресниот пат ќе се гради по сите безбедносни и технички стандарди што дава сигурност дека безбедноста за сообраќај ќе биде на највисоко ниво. Ова го потенцирам бидејќи сите знаеме во какви услови се вози во овој патен правец. Вложуваме многу труд и време за изградба на оваа патна делница која е главната врска што го поврзува вардарскиот со пелагонискиот регион. Во таа насока е во тек изградба и на делницата од Дреново до Фариш, проект каде што наследивме сериозни проблеми, но со многу посветеност се надминуваат, што може да се забележи и на терен каде значително е зголемен интензитетот на работа“, истакна Сугарески.
Согласно со договорот, експресниот пат треба да биде завршен во 2020 година, а според најавата на Владата, годинава ќе се инвестираат околу 270 милиони евра во изградба, реконструкција и рехабилитација на преку 60 патни правци.