Со средства од Министерството за образование и наука во висина од 14.400.000
денари, започна реализацијата на капиталниот проект за реконструкција на
покривот на прилепската Гимназија „Мирче Ацев“.
По тој повод, градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, заедно со
претседателот на Совет на Општина Прилеп, Миле Талевски, заменик
министерката за образование Елизабета Наумовска и заменик министерот за
локална самоуправа, Дејан Павелски, денеска извршија увид во градежните
работи.
„Би сакал да напоменам дека реконструкцијата на покривот на Гимназијата ‘Мирче Ацев’, е само првата фаза од градежните активности со кои ги подобруваме условите во ова средно училиште, а во втората фаза ќе се реконструира и
фасадата на Гимназијата. Ова е само еден сегмент, еден дел од се’ она што прави локалната самоуправа во сите основни и средни училишта во нашиот град. За оваа година имаме издвоено околу 30 милиони денари, средства кои сe наменети исклучиво за реконструкција на основните и средните училишта вo општина Прилеп“, изјави градоначалникот Јованоски.
Заменик министерката за образование, Елизабета Наумовска, го истакна своето
лично задоволство од многуте градежни активности кои во овој период се
преземаат во низа училишта во Прилеп, а особено од фактот што започнаа
градежните работи од капиталниот проект за реконструкција и рехабилитација на
покривот на Гимназијата „Мирче Ацев“.
„Капиталната инвестиција која е финансирана од Министерството за образование,
изнесува 14.400.000 денари, или повеќе од 135.000 евра, што е само првиот дел
од градежните активности. Во следната фаза Гимназијата ‘Мирче Ацев’ ќе добие и
реконструкција на северната фасада, со што ова училиште ќе има подобри и побезбедни услови за работа. Ме радува што не само во Прилеп, туку и насекаде во нашата држава се подобруваат условите за работа во училиштата. Од утре започнуваат и уписите во средните училиште, а од тие причини денеска ќе направиме и увид во подготовките за упис на учениците во прва година. Заради поголема безбедност на сите учесници во процесот на запишување ученици во средните училишта, наместо два дена, сега овозможивме уписите да траат четири денови. На сите ученици им посакувам да се запишат во училиштата кои ќе им овозможат да ја градат својата идна професија“, потенцираше заменик министерката за образование, Елизабета Наумовска
Заменикот министер за локална самоуправа, Дејан Павлески, потенцираше дека
вкупните инвестиции во општинската инфраструктура, во сите општини во
државата во последните 3 години, се мерат во неколку стотини милиони евра.
„Во изминатите 3 години, како никогаш досега, се посветивме на унапредување на
работата на локалната самоуправа, во инвестирање во проекти од
инфраструктурата во општините низ целата држава. Само преку Програмите за
рамномерен регионален развој и Програмата за прекугранична соработка, во овој
период инвестиравме над 60 милиони евра, а со сите останати проекти кои ги
реализиравме со нашите партнери како што се УНДП, УСАИД, Светска банка, ЕУ,
инвестирани се дополнителни 60 милиони евра. Уште еднаш ќе потенцирам, дека вакви проекти кои значат унапредување на работата на локалната самоуправа и
зајакнување на нејзините капацитети, досега не биле реализирани. Ако пак на ова
се додадат и сите програми и проекти во делот на руралниот развој реализирани
преку другите министерства, тогаш ќе дојдеме до една голема сума на средства
од неколку стотини милиони евра, кои во последните 3 години беа инвестирани во
општините“, рече Павлески.
„Ова лето Гимназијата е вистинско градилиште. Покрај реконструкцијата на
покривот, следува реконструкција на фасадата и промена на дограмата од
северната страна на објектот. Исто така, остануваат да се средат уште
административните работи за почеток на изградба на новата котлара, која ќе биде
прва котлара во општината на гас и нафта, инвестиција вредна преку 100.000
евра. Наскоро започнуваме и со реконструкција на водоводната и
канализационата мрежа, како и асфалтирање на целокупната асфалтна површина
во училишниот двор. Вакви зафати во Гимназијата немало од многу одамна. Иако
оваа зграда е најстарата училишна зграда во градот, во неа не било ништо
инвестирано повеќе од 20 години“, истакна Диме Настески, директор на
прилепската Гимназија „Мирче Ацев“.
Според најавите на директорот Настески, заокружувањето на целиот проект е
планирано за следната година, кога ќе се изврши комплетна реконструкција на
внатрешниот дел, како и на фасадата на предната страна на Гимназијата.