Денеска во салата за откуп на прилепскиот Тутунски Комбинат, министерот за
земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Арјанит Хоџа,
градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски и директорот на
Комбинатот, Киро Станкоски, го означија официјалниот почеток на откупот на
тутун од годинешната реколта.
Градоначалникот Илија Јованоски рече дека е добро што првиот човек на МЗШВ,
Арјанит Хоџа, на самиот почеток на откупната сезона е присутен во најголемиот
тутунски регион во нашата земја, што укажува на важноста која
тутунопроизводството ја има за жителите од Пелагонискиот регион.
„Бидејќи откупните цените на класите на тутун се формирани, очекувам и апелирам до откупните претпријатија да вршат фер и коректна процена на
тутунот, затоа што само така граѓаните ќе бидат задоволни. Се надевам дека граѓаните на општина Прилеп, како и жителите на соседните општини Долнени и Кривогаштани, на крајот на откупната сезона ќе бидат задоволни од проценката на тутунот“, изјави градоначалникот Јованоски.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, истакна
дека Тутунскиот Комбинат е втората компанија која започна со откуп на тутун и
дека очекува процесот на откуп од годинешната реколта кој изнесува околу 23.000
тони, за кој компаниите имаат доставено банкарски гаранции, ќе помине на
задоволство и на тутунопроизводителите, но и на откупувачите.
„Сите откупни компании имаат обезбедено финансиски средства. Некоја од нив почнува порано со откупот, некоја подоцна, но не подоцна од први декември. Тоа што е договорено ќе биде реализирано, нема да остане неоткупен ниту еден
килограм тутун. Свесни сме за тешкотиите низ кои поминуваме, најважно е сите да ги запазат протоколите и мерките за заштита од пандемијата, за да не се случи да има некој заразен од Ковид-19 и да се затвори цел откупен пункт. Тоа во овој момент е најважно. До крајот на февруари, додека трае откупот, ќе го следиме процесот. Ова нема да биде мое последно доаѓање и верувам дека се’ ќе заврши во најдобар можен ред“, истакна министерот Хоџа.
„Тутунски Комбинат денеска официјално почнува со откупот на тутун од реколтата 2020. Финансиските средства се обезбедени, исплатата ќе биде исто како и изминатите години, односно откупениот тутун ќе биде исплатен следниот ден
после неговото преземање. Вкупно имаме 21 откупен пункт, со 31 вага, следните
денови ќе бидат отворени и пунктовите во населените места“, напомена директорот на Тутунски Комбинат АД Прилеп, Киро Станкоски.
„Со почетокот на откуп од страна на сите компании, доколку постои нереална процена, ние преку поверениците ќе преземеме се’ што е во наш домен. Ако треба дури ќе ги повлечеме и поверениците, се’ со цел да ги заштитиме тутунопроизводителите, да не бидат оштетени“, потенцираше претседателот на
Сојузот на тутунопроизводители, Менде Стомнароски.
Во откупните пунктови на Тутунскиот Комбинат АД Прилеп во населените места
Тополчани, Мало Коњари и Мажучиште, откупот ќе започне во вторник, на
01.12.2020 година.
Покрај заедничката посета на откупниот пункт, градоначалникот Јованоски и
министерот Хоџа остварија средба во кабинетот на градоначалникот, на која се
разговараше за соработката на Општина Прилеп и МЗШВ, која е од голема
важност за жителите од поширокиот регион.