Општина Прилеп започна со обемна акција за санација на ударните дупки на
сите градски сообраќајници и патишта на територија на општината. Освен тоа
на одделни сообраќајници се става тампон. Паралелно течат активностите и за
поплочување на улиците со бекатон плочки.
„Оваа недела започнавме со корекција на ударните дупки и санација на
улиците и патиштата. Се санираат дупки во моментот на повеќе места, пред
ОУ ‘Добре Јованоски’, на улицата ‘Мице Козар’, во населба Точила… Ова е
времено санирање на улиците со бекатон и тампон. До пуштање во работа на
асфалтните бази сите ударни дупки и прокопи ќе се асфалтираат. Во моментов
работиме и на паркинг просторот кај гробиштата, во пресрет на велигденските
празници со цел да обезбедиме непречено паркирање на возила, зашто во тој
период посетеноста на граѓаните е голема“, изјави Александар Здравески
раководител на ДООЕЛ „Пела Транс“.
Активно работат и екипите на ЈКП „Комуналец за чистење и разубавување на
градот. Се работи во сите населби. Посебно внимание се обрнува на парковите
и одржувањето на зеленилото. Во исто време се мијат улиците со цистерни.
„Поголеми активности се преземени во косење и генерално уредување на
парковите и тревниот дел од коритото на градската река. Се косат и уредуваат парковите во сите населби, се уредуваат алеите низ двосмерните улици, се кастри и
обликува зеленилото, а ќе се засадува и цвеќе на повеќе локации низ градот“,
велат од ЈКП „Комуналец“.
Оваа активност е дел од годишната Програма за уредување на градежно
земјиште, што е донесена од Советот на Општина Прилеп.