На ракометното игралиште на хотелот „Сонце“, денеска започна првиот
Меморијален меѓународен ракометен турнир за ветерани „Таста – Лара“, кој се
одржува во чест на прилепските ракометни легенди Петар Кузманоски-Таста и
Влатко Коруноски-Лара.
Турнирот, на кој во машка и женска конкуренција ќе се натпреваруваат екипи од
Србија, Косово и Македонија, за отворен го прогласи градоначалникот на Прилеп,
Илија Јованоски.
„Драго ми е што ми ја укажавте честа да го отворам првиот Меморијален
ракометен турнир „Таста – Лара“, кој се одржува во чест на двете легенди кои
целиот свој животен век му го посветија на ракометот. Сакам да ги поздравам
сите учесници на турнирот кои од повеќе држави од Балканот дојдоа во нашиот
град. Му заблагодарувам и на организаторот, здружението ‘Млади ветерани’, кое
со многу ентузијазам го организира овој турнир за кој се надевам дека ќе прерасне
во традиционален. Локалната самоуправа секогаш ќе дава финансиска,
логистичка и морална поддршка на ваквите и слични манифестации. Ви посакувам
фер игра, добра забава и дружење и турнирот ‘Таста-Лара’ го прогласувам за
отворен“, рече во своето обраќање градоначалникот Јованоски.
„Самото присуство на толку многу публика и играчи од целата држава и од
соседството, говори дека вакви турнири треба да се организираат многу почесто.
Двајцата ракометни великани, Таста и Лара оставија белег не само во ракометот,
туку и во прилепскиот јавен живот, воопшто. За нас, кои како нивни ракометарки
успеавме и во ракометот и во животот, тие беа луѓе кои заслужуваат најголема
почит, затоа што кон нас не се однесуваа само како тренери, туку и како втори
родители. Се надевам дека овој прв меморијален турнир ‘Таста-Лара’ ќе значи
поттик за оние кои што се надлежни, да обезбедат не една, туку две спортски сали
во кои што ќе се игра ракомет и други екипни спортови, бидејќи Прилеп сака
спорт, но за тоа требаат услови“, изјави поранешната ракометарка на „Тутунски
Комбинат“, Гордана Цветаноска.
„Добро е што се направи еден ваков турнир, за да може во Прилеп да се
промовира ракометот, спортот. Зад вакви иницијативи треба да застанат бизнис
секторот и градот. Добро е да се потсетиме на Тастата и Ларата, но добро е и да
се дружиме и воедно да го промовираме и ракометот во градов. Потребно е на
бизнис секторот да му се дадат некои поволности и бенефиции, за да може да
влезат во било кој спорт“, истакна Орде Илиоски, поранешен ракометар на
прилепски „Тутунски Комбинат“.
Првиот Меморијален меѓународен ракометен турнир за ветерани „Таста – Лара“
ќе трае два дена. За најдобите три првопласирани екипи, како и за најдобриот
играч, голман и стрелец ќе бидат обезбедени награди.