Претседателот на Владата, Зоран Заев во придружба на министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Александар Младеновски, градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, како и претседателот на општинскиот Совет Миле Талевски и пратениците Кети Смилеска и Хари Локвенец, денеска извршија увид во градежните работи на клучката кај ТИРЗ „Прилеп“.
Во својата изјава, премиерот Заев потенцираше дека заложбите на Владата се да има што повеќе инвестиции во овој дел од државата, за што доволно зборува фактот дека висината на средствата за проектите кои во моментов се во фаза на реализација во Пелагонискиот регион, со посебен фокус на Прилеп, изнесуваат околу 50 милиони евра.
Изградбата на патишта околу Прилеп, истакна премиерот Заев, заедно со гасификацијата, се огромни и сериозни капитални проекти кои на граѓаните од регионот ќе им служат за навек .
„ИКТ Центарот е навистина трајна придобивка, не само за нашата земја, туку и за целиот регион, а е сместен токму во овде, во Прилеп. Паралелно со привлекувањето странски инвестиции, државата работи на изградба на инфраструктурата во сите региони. Изградбата на клучката на две нивоа, за поврзување на ТИРЗ ‘Прилеп’ со патната делница Прилеп-Битола е во финална фаза. Оваа клучка е од големо значење за пристапот до зоната, како и за ефикасен превоз на производите што се произведуваат во самите фабрики. Наша цел е да обезбедиме светски инфраструктурни стандарди во индустриските зони, за инвеститорите кои одлучиле да инвестираат во нашата земја. Со пуштањето во функција на водоводот и клучката за поврзување на ТИРЗ ‘Прилеп’, зоната станува функционална од аспект на големите инфраструктурни зафати“, изјави претседателот на Владата, Зоран Заев.
Премиерот рече дека ова комплексно сообраќајно решение е од особено значење за безбедноста на сите учесници во сообраќајот на магистралниот пат Прилеп-Битола. За следната година, претседателот на Владата ги најави почетокот на работите на секундарната гасоводна инфраструктура, со која гасот ќе стигне до ТИРЗ „Прилеп“, со што таа ќе стане уште поатрактивна за нови инвестиции.
„Сакам да истакнам дека се во тек преговори со голем број на компании кои се заинтересирани за инвестирање во Република Северна Македонија. Проценетата вредност на инвестициите, а кои се со прилична извезност, за кои преговараме со компаниите се поголеми од 2 милијарди евра. Дел од тие компании ја разгледуваат можноста за инвестирање во ТИРЗ ‘Прилеп’. Покрај создавањето на директни вработувања, компаниите во зоната го стимулираат локалниот економски развој во поширока смисла. Она што можам да го кажам, е дека заклучно со третиот квартал и вчера објавениот податок, проектираниот раст од 3,5% за 2019 година е надминат“, нагласи премиерот Заев.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески рече дека изградбата на клучката е доказ за посветеноста на Владата во изградба на инфраструктурата.
„Можам да потенцирам дека Министерството за транспорт и врски досега има реализација на капиталните инвестиции од 71%. Во моментов се работат 28 проекти, 7 се во постапка за тендерирање, а други 20 ќе бидат објавени на почетокот на следната година. Исто така, сериозен процент на реализација има кај ЈП за државни патишта, како и во Македонски енергетски ресурси а процентот на реализација на гасификацијата е 78 отсто. Што се однесува до Прилеп и регионот, покрај изградбата на овој проект, се гради региналниот пат од Битола кон Прилеп кај Тополчани, комплетно е завршен патот кон вештачкото езеро,а во завршна фаза е изградбата на ИКТ Центарот чија вредност е 11 милиони евра. За постојниот пат од Фариш до Дреново, поставена е сигнализација и ако временските услови дозволат очекуваме изведувачот одма да почне со работа. Продолжението на патот од Фариш до Прилеп, во должина од 23 километри ќе биде тендериран во јануари, со цел идната 2020 година да биде завршен. Она што е клучно, експресниот пат, се прават завршните подготовки за објавување на тендерот за преостанатите 65% кои треба да се направат од Фариш до Дреново. Нашите очекувања се дека до крајот на оваа, или почетокот на следната година ќе биде објавен тендерот, за да од март продолжи неговата изградба. Паралелно се работи и на делницата Градско-Дреново, така што очекуваме дека за година и нешто, експресниот пат ќе биде комплетно завршен“, истакна министерот Сугарески.
Министерот за транспорт и врски напомена дека во тек е изработка на проектна документација за автопат од Прилеп до Битола, додека патот од Штавица до Витолиште е влезен во програмата на Македонијапат. Ист е случајот и со патот од Кадино село преку Галичани до Кривогаштани, а патот Кривогаштани – Крушево ќе биде завршен до јуни 2020 година.
„Во завршна фаза е изградбата на клучката кај ТИРЗ ‘Прилеп’, инвестиција во висина од 240.000.000 денари. Исто така, во финална фаза на изведба сме со изградбата на водоводот за целата зона, инвестиција која што изнесува приближно 50.000.000 денари. При крај е и изгадбата на внатрешната инфраструктура, односно улицата, чија вредност е дополнителни 50.000.000 денари, така што во зоната моментално имаме вкупна инвестиција од приближно 350.000.000 денари“, изјави директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Александар Младеновски.
Директорот Младеноски се осврна и на генералните инвестиции во ТИРЗ зоните ширум државата, истакнувајќи дека во Струга е при крај изградбата на клучката и внатрешната инфраструктура и дека се завршени водоводот и канализацијата. Младеновски нагласи дека и во Кичево се привршува внатрешната инфраструктура и дека започнува изградбата на зоната „Скопје 2“.
Заблагодарувајќи му се на премиерот Заев, градоначалникот Илија Јованоски истакна дека е среќен и задоволен што за овие неколку денови, во Прилеп се промовираа два исклучително важни проекти за општината, во вкупна висина од околу 17 милиони евра.
„Пред неколку дена, министерот и потпретседател на Владата, Оливер Спасовски го промовираше ИКТ Центарот, којшто е многу значаен за целата држава и е најголем таков центар на Балканот, во вредност од околу 11 милиони евра. Тој проект и оваа клучка, која заедно со другите инвестиции во ТИРЗ зоната, е во вкупна вредност од околу 6 милиони евра, се исклучително важни за нашиот град. Со тоа конечно ќе се реши проблемот со ТИРЗ зоната, пред се’ од сообрајќаен и безбедносен аспект, затоа што досега преминот на овој дел беше многу ризичен и критичен“, истакна градоначалникот Јованоски.