„Зачувувањето на податоците и нивното складирање на безбедно место, е важно за
секој од нас. И тоа подеднакво важи без разлика дали се работи за нашите
фотографии, на пример, за нашите лични спомени, но и за службените податоци
важни за сечија професија, а особено за податоците кои се од витален и
национален интерес. Затоа ми претставува особено задоволство денеска заедно со
нашите пријатели од ЕУ, да го означиме стартот на изградбата на Информатичко-
компјутерско технолошкиот центар за опоравување од катастрофи и обезбедување
континуитет во работата. Моето задоволство е уште поголемо, имајќи во предвид
дека овој Центар е прв од ваков вид во регионот“, изјави премиерот Зоран Заев на
вчерашното означување на почетокот на изградбата на ИКТ центарот.
Премиерот Заев посочи дека Центарот ќе претставува “бек ап“, или резервна база
за клучните информациски системи во земјава и ќе гарантира дека тие ќе
функционираат во случај кога, од какви било причини, би била загрозена работата
на примарниот информатички државен систем.
„Центарот за опоравување од катастрофи и обезбедување континуитет во
работата, ќе ги зачува податоците во случај на природни, или катастрофи
предизвикани од страна на човечки фактор. Договорот за градежните работи за
имплементација на проектот беше потпишан во декември минатата година. И еве,
после само неколку месеци неопходни подготовки, стартува изградбата на овој
Центар. Најголем дел од средствата, односно 3.25 милиони евра се обезбедени од
ИПА предпристапната програма за помош на ЕУ за 2013 година, но свој удел од
речиси од речиси 150.000 евра има и МВР. И секако, тоа е само дел од
активностите коишто се решаваат овде. Тоа Министерство, во исто време, ќе биде
краен корисник на можностите на Центарот, но тој секако ќе прерасне во
национален ресурс и ќе служи за потребите на повеќе државни институции“,
истакна Заев.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, рече дека со
изградбата на капитални проекти, нашата држава покажува дека ги следи светските
трендови во ИКТ технологијата.
„На граѓаните мора да им ја гарантираме безбедноста на нивните податоци, се
грижиме и обезбедуваме функционални институции кои се сервис за граѓаните во
секое време, услужни, квалитетни и достапни за секого. Исто така, сакам да
истакнам дека овој проект уште еднаш ја покажува волјата и желбата на нашите
пријатели од Европа да ни помагаат. Со ваквата помош, преку посветеноста на
институциите и низ соработката со граѓаните, заедно градиме држава по европски
правила“, потенцираше премиерот Заев.
На крајот на своето обраќање по повод стартот на изградбата на Информатичко-
компјутерско технолошкиот центар за опоравување од катастрофи и обезбедување
континуитет во работата, македонскиот премиер им се заблагодари на граѓаните на
ЕУ кои, како што тој напомена, одделуваат средства плаќајќи ги даноците во
Европа, за да и Македонија биде обезбедена со вакви ресурсни центри.