За викендот нова акција за дезинфекција на сите улици, јавни површини и влезови во згради

Во сабота и недела, Општина Прилеп ќе спроведе акција за дезинфекција на сите улици и јавни површини во градот.

Акцијата започнува утре, сабота 25 април, веднаш после почетокот на забраната за движење на граѓаните, во 15.00 часот. Акцијата ќе биде реализирана со волонтери од Прилеп и населените места, кои со триесетина трактори опремени со прскалки ќе ги дезинфицираат улиците во сите населби во градот, вклучително и тесните улици во кои цистерните на јавните комунални претпријатија немаат пристап.

За таа цел, се замолуваат граѓаните да ги отстранат своите возила од јавните површини и да ги паркираат на соодветни места, заради непречено движење на возилата за дезинфекција по градските улици и поголема ефикасност во нивната дезинфекција.

Акцијата продолжува и во недела, 26 април во 10.00 часот, кога триесетина волонтери на Општина Прилеп ќе ги дезинфицираат влезовите и јавните површини пред сите згради во градот.   

Сервисни информации за работата на маркетите, аптеките и движењето на лица заради извршување на земјоделски работи, за време на полицискиот час:    

Во сабота и недела, 25 и 26 април, дежурни ќе бидат истите маркети кои работеа и во текот на изминатите два викенда. Работното време на маркетите е од 07.00 до 15.00 часот, а доставата на нарачаната роба маркетите ја вршат со сопствен превоз.

Дежурна аптека во сабота и недела, 25 и 26 април:

„Мента Фарм 2“……………..тел:070 711 651

Работното време на аптеката е 24 часа, по телефонски повик од лекарски тим од здравствената установа каде се спроведува дежурството.

Граѓаните кои заради извршување на земјоделски работи во деновите од викендот имаат потреба од движење за време на полицискиот час, денеска и утре, петок и сабота, да се јават во Општинскиот кризен штаб на телефонските броеви 048/401 700 и 0800 00 210, од 10.00 до 20.00 часот.