Во ЦК „Марко Цепенков“ отворена изложба на фотографии од фрескосликарството на црквата во Курбиново

Во изложбениот салон на Центарот за култура „Марко Цепенков“, синоќа беше отворена изложбата на „Црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново – Ремек дело на византиската уметност во Македонија“.

Се работи за изложба на фотографии од фрескосликарството на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, која била изградена во 1191 година и која претставува еден од највредните споменици за светското културно наследство од византиската уметност.

„Овој споменик како една гранична линија во развитокот на овие големи цивилизациски текови, е исклучително значаен не само како наше културно наследство, туку и во едни пошироки светски рамки. Токму заради тоа, нашата држава одлучила да постави еден мотив од ова фрескосликарство врз монетата и банкнотата од 50 денари и тој, всушност, претставува еден амблем на целокупната уметност која што е содржана во овој споменик. Преку оваа изложба се обидуваме да го приближиме споменикот до граѓаните и со тоа да ја популаризираме византиската уметност помеѓу пошироката публика во нашиот град“, истакна во своето излагање Александар Василески, асистент истражувач во Институтот за старословенска култура – Прилеп.

Ова беше четврто поставување на изложбата пред пошироката јавност. Изложените фотографии се направени во 2016 година, во рамки на проектот „Македонски фрески – Маско 360“.

На отворањето на изложбата присуствуваше и градоначалникот Илија Јованоски. Изложбата пред прилепската публика ја поставија здружението на граѓани „Менелај“ од Прилеп и „Македонида“ од Скопје, во соработка со Институтот за старословенска култура – Прилеп.