Во тек е пилот програма за квалификација на пекари

Со потпишувањето на договорите со 20 невработени лица, денеска започна
реализацијата на пилот програмата за задоволување на потребите на локалната
средина со квалификувана работна сила. Се работи за проект што го
спроведуваат УНДП, Агенцијата за вработување, СОУ „Орде Чопела“ и
работодавачите, односно три фирми што се занимаваат со производство на леб и
бели печива: „Жито Прилеп“, „Стара фурна“ и „Златно зрно“.

Станува збор за пилот проект, одобрен со ревидираниот план на Владата на РМ
од 2017 година, со цел поттикнување на работодавачите да покажат интерес за
обезбедување квалитетна работна сила. Во таа насока, на иницијатива на УНДП,
пред извесно време во прилепската локална самоуправа беше одржана средба на
која се формира работно тело, во кое влегоа претставници на иницијаторот,
Центарот за вработување-Прилеп и средните училишта.

„Проектот е дел од ревидираниот план на Владата за задоволување на потребата
од квалифицирана работна сила и во него партиципираат УНДП, Центарот за
вработување, СОУ „Орде Чопела“ и работодавачите. СОУ „Орде Чопела“ е
лиценцирано за пекарство, што беше главниот предуслов како за излегување во
пресрет на потребите на работодавачите, така и за реализирање на обуката.
Теоретскиот и практичниот дел од обуката се одвиваат паралелно, при што се
предвидени 180 часа теоретска и 60 часа практична настава, после што
учесниците ќе полагаат завршен испит. Во трите фирми што се дел од проектот,
ќе бидат вработени вкупно 10 лица, на кои првите 3 месеци државата ќе им
исплаќа бруто плата од 17.000 денари“, вели Весна Чкрипеска од Центарот за
вработување-Прилеп.

Теоретскиот дел од обуката ќе се изведува во СОУ „Орде Чопела“, додека
практичниот дел кај работодавачите. За време на обуката, на учесниците им се
исплаќа надомест за трошоци во висина од 9.000 денари, со вклучен персонален
данок и трошоци за професионални заболувања.

Професорката по стручни предмети во СОУ „Орде Чопела“, Каролина Боцеска,
која е координатор на пилот обуката, појаснува дека обуката ќе биде спроведена
во времетрање од 4 месеци и неа ќе ја посетуваат 20 невработени лица,
евидентирани во Агенцијата за вработување. Освен надоместокот за трошоци за
време на обуката и владините субвенции, со денешното потпишување на
договорите, работодавачите се обврзуваат 10-те лица што ќе бидат вработени
после завршувањето на обуката, да ги задржат на работа најмалку 6 месеци.