„ЈКП ‘Комуналец’ работи позитивно во првиот квартал од годината, а во споредба
со истиот период од минатата година, има подобри резултати во сите сектори:
зголемена фактурирана вредност за 6%, зголемена наплата за 11,5% и зголемена
селекција на отпад од пакување за 10 отсто“, акцентираше Звонко Јованоски в.д.
директор на ЈКП „Комуналец“,на денешната прес конференција.
Покрај овие финансиски позитивни показатели, како што истакна в.д. директорот,
намалени се трошоците во претпријатието по сите основи, пред се за
репрезентација, за службени патувања во земјата и странство, трошоци за
реклами,а скратени се и сите други непродуктивни давачки.
„Во наследство од претходниот директор добив долг од 50 милиони денари, од
кои 25 милиони за неплатен ДДВ, 24 милиони обврски кон доверители, милион
денари земен аванс од фирма со која јавното комунално претпријатие соработува,
650 илјади денари казна, истрошен и девастиран возен парк со просечна старост
од 25 години. Со домаќинско и одговорно работење во првиот квартал, долгот кон
доверителите се намали за 3 милиони денари, набавен е нов трактор, а со помош
на градоначалникот Илија Јованоски и „Прилепска Пиварница“, добиена е
донација, камион метларка, што веќе е ставен во функција“, изјави Јованоски.
Истовремено, ЈКП „Комуналец“ има распишано тендер за набавка на три нови
возила, таканаречени смеќарки, а минатиот месец беа исчистени 5 диви депонии,
од кои беше отстранет над 600 м3 комунален и градежен отпад. Во насока на
зголемување на хигиената во градот, јавното комунално претпријатие има
набавено нови контејнери, косачки за трева, избушен е бунар на улица „Петта
Прилепска бригада“, а за прв пат во примарната селекција на отпад се вклучени и
11 населени места. Во централното градско подрачје се заменети оштетените
тревни површини со нов баз трева, посадени се нови површини со цвеќе, редовно
се кастри и крои зеленилото.
„Готов е стационарот за кучиња, што е изграден по сите стандарди и прописи, со
изградена амбулантна соба за нивно прифаќање, лекување и хируршки
интервенции. Покрај трите стручни лица, овој месец ќе биде вработен и
ветеринарен лекар,што ќе ја води сета потребна грижа за заловените кучиња“,
најави Јованоски.
Тој потенцираше дека јавното претпријатие е отворено за секоја добронамерна
забелешка и критика и спремно да ги прифати сите предлози, со цел да се
подобрат услугите кон граѓаните.