Во организација на клубот за екстремни спортови „Sky Riders Prilep“ и
велосипедскиот клуб „Илинден“, денеска во околината на Прилеп се одржа
Државното првенство на Македонија во downhill, „Топташ 2018“.
Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски рече дека ова Државно првенство
претставува уште една промоција на градот во меѓународни рамки, бидејќи освен
домашните, учествуваат и натпреварувачи од странство.
„Ова е уште едно признание за нашиот град, бидејќи на уште еден начин покажуваме дека се вклопуваме во европските текови. Во оваа прилика сакам да им
се заблагодарам на сите учесници, на организаторите за одлично организираната трка, со надеж дека следните чекори кои што ќе ги преземат ќе бидат со уште
подобри резултати“, изјави градоначалникот Јованоски.
Од клубот за екстремни спортови „Skyriders“, кои заедно со велосипедскиот клуб
„Илинден“ се организатори на првенството, велат дека после претходните
натпревари одржани на Пелистер, Попова Шапка и Скопје, ова е првото официјално
Државно отворено првенство на Македонија во downhill, кое се одржува под
покровителство на Општина Прилеп.
„Учествуваат 40 натпреварувачи во 5 категории, за најбрзите тројца ќе има парични награди. Патеката е долга 1.740 метри, има десетина скокови и многу е атрактивна. Сите натпреварувачи се задоволни од патеката, добро е уредена. Голема благодарност до децата, кои рачно ја спремаа, без помош на машини. После ова државно првенство имаме право да организираме и меѓународни натпревари“, нагласи Златко Спиркоски, секретар на „Skyriders“.
Освен пехарите и дипломите, на тројцата натпреварувачи кои постигнаа најдобри
времиња, организаторот им додели и парични награди во висина од 15.000, 10.000
и 5.000 денари.