Денеска во просториите на ЦК „Марко Цепенков“ беше отворена изложбата
“100 раритети на руската државност”. Се работи за уникатна збирка на
документи, претставени на 36 паноа, кои ги отсликуваат најзначајните периоди
на историјата на Русија за период од околу илјада години, односно од 11 до 21
век.
Изложбата беше отворена со поздравни говори од страна на директорот на ЦК
„Марко Цепенков“, Рубинчо Белчески, градоначалникот на општина Прилеп,
Илија Јованоски и Aмбасадорот на Руската Федерација во нашата држава,
Сергеј Баздникин.
„Овие раритетни документирани ‘споменици’ ја отсликуваат историјата на Русја
во период од околу 1.000 години и тоа се најзначајните настани од историјата
на Русија. Посетителите ќе може да видат пишани документи од најстарата
ракописна книга ‘Ракопис’, најстариот руски закон ‘Руска правда’, родослов од
московските кнезови од 17 век, документи потпишани од руските државници
Ленин, Сталин и многу други. Ние како институција имаме одлична соработка
со амбасадата на Руската Федерација и во изминатиот период имаме
реализирано голем број на културни настани, концерти и изложби. Морам да
посочам дека руските уметници се наши чести гости на колонијата ‘Дрен’, кои
со своите дела ја збогатуваат нашатата уметничка збирка. Се надевам дека и
во наредниот период ќе ја продлабочуваме нашата соработка преку многу
други настани од областа на културата“, посочи Рубинчо Белчески, директор на
ЦК „Марко Цепенков“.
„Драго ми е што ја продолжуваме нашата соработка со Руската Федерација, а
задоволството е големо бидејќи денеска е присутен Амбасадорот на Руската
Федерација, Сергеј Баздникин, кој е наш чест гостин. Се надевам дека во
иднина, покрај во областа на културата, ќе ја продлабочиме и нашата
соработка во полето на економијата. Мило ми е што во ЦК „Марко Цепенков“
–Прилеп се одржува изложбата “100 раритети на руската државност”, каде
можеме да видиме многу раритетни документи и писма на Сталин, Ленин,
Брежњев, Елцин, како и од Владимир Путин“, истакна градоначалникот на
општина Прилеп, Илија Јованоски.
“Срдечно ве поздравувам на отварањето на изложбата “100 раритети на
руската државност” овде во Прилеп. Пред се’ премногу сум благодарен на
Министерството за култура и на ЦК „Марко Цепенков“-Прилеп за организирањето на овој важен настан. Оваа изложба за прв пат е претставена пред македонската публика на 1. ноември минатата година во Скопје, каде предизвика голем интерес и затоа одлучивме да ја претставиме и тука. Прилеп е еден од најинтересните градови во Северна Македонија, кој има богата историја и културни традиции. Овде во Прилеп редовно се изведуваат културни настани од руски изведувачи, како што е фестивалот ‘Ѕвездички’. Овде, на германските воени гробишта се закопани руски војници, овде функционира и здружението ‘Македонско-руско пријателство’. Драго ми е што можам да ја нагласам и несебичната соработка на прилепскиот градоначалник Илија
Јованоски со руските региони“, нагласи Амбасадорот на Руската Федерација,
Сергеј Баздникин.
Изложбата „100 раритети на руската државност”, која денеска во своите
простории ја претстави Центарот за култура “Марко Цепенков“, е потврда за
долгогодишната успешна соработка на оваа институција со Амбасадата на
Руската федерација, преку заедничка реализација на многу културни настани.