По 44-ти пат во петок и сабота, 29 и 30 јуни, во Прилеп и на „Рудина“ кај Долнени, ќе
се одржи Меѓународниот фестивал на народни инструменти и песни „Пеце
Атанасовски“. По тој повод, денеска се одржа прес конференција на која беше
презентирана фестивалската програма и беа соопштени други информации
поврзани со одржувањето на единствениот фестивал од ваков карактер во нашата
држава.
Секретарот на фестивалот, Златко Лашкоски, рече дека и покрај намалените
финансиски средства од страна на Министерството за култура, организаторите
очекуваат на годинешното фестивалско издание учество да земат околу 250
натпреварувачи. Фестивалот и концепциски и територијално, е поделен на два
дела.
„Во петок, на камената бина во Прилеп, ќе настапат изведувачи од западниот дел
на Македонија и од општина Прилеп. Во сабота на „Рудина“, кај Долнени, пред
публиката ќе се претстават натпреварувачи од источниот дел на Македонија.
Очекувам фестивалот да биде на високо ниво, да докажеме уште еднаш дека овој
фестивал кој е единствен од ваков вид, секој ден ни возвраќа со нови млади
натпреварувачи, кои прво ја засакуваат, а потоа и ја негуваат изворната музика“,
изјави Лашкоски.
Фестивалот на народни инструменти и песни, всушност, започна во понеделникот
на 25 јуни, со семинарот за изучување на изворни инструменти и песни, што по 5-ти
пат се одржува во Спомен-куќата на фестивалот во Долнени. На 16 ученици од основното училиште во Долнени, тајните на изворните песни и инструменти им ги открива етномузикологот, Горан Василески.
„За разлика од претходните години кога учесниците беа музички потковани,
годинава имаме ученици од основното училиште кои се заинтересирани да ги
изучуваат народните инструменти и песни. Една од целите на фестивалот, е покрај
повеќето други инструменти, изучување на гајдата, која што е приоритетен
инструмент на фестивалот. Изненаден сум од интересот за учество на семинарот.
Планиравме да има 7-8 учесници, но се пријавија 16, кои се музички необразовани,
меѓутоа се солидни во она што го работиме“, истакнува етномузикологот Василески.
Општина Прилеп е еден од покровителите на фестивалот, покрај Министерството
за култура и Општина Долнени. Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, ја
искажа поддршката, која и тој како градоначалник, но и Општина Прилеп, сега и во
иднина ќе ѝ ја даваат на оваа манифестација.
„Се надевам дека сè ќе помине во најдобар ред, на организаторите им посакувам
убаво време, а на учесниците од останатите населени места добредојде во нашиот
град, да имаат креативни изведби и добро дружење во овие 2 дена. Се надевам
дека следната година, кога ќе се одбележуваат 45 години од постоењето на
фестивалот, манифестацијата ќе биде од уште поголеми размери, на задоволство на сите“, рече градоначалникот Јованоски.
Првиот регионален натпревар во гајда во Прилеп и Долнени е одржан во 1974, на
иницијатива на гајдаџијата од светски глас, Пеце Атанасовски, етномузикологот
Живко Фирфов, Илија Лашкоски и неколкумина други ентузијасти. Со поддршка на тогашните општински и државни институции, тој прераснува во Републички
фестивал на народни песни и инструменти „Марко Цепенков“. Од 1996 година,
после смртта на Пеце Атанасовски, Фестивалот го носи неговото име.