Како дел од Националната платформа за женско претприемништво, денеска во Општина Прилеп, се одржа воведна средба за формирање на Совет за женско претприемништво. На првичниот состанок присуствуваа претставници од Националната платформа за женско претприемништво, жени претприемачи, претставници од образовниот сектор, од здруженија и организации, советници при Советот на Општина Прилеп, претседателот на Советот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски и градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, кој ја поздрави оваа иницијатива.
„Со формирање на Совет за женско претприемништво во Општина Прилеп, во рамките на Националната платформа за женско претприемништво создаваме можности за подобрување на родовата еднаквост и овозможуваме промовирање на жените претприемачи, како двигатели на промените и главен социјален партнер за креирање на политики и реформски процеси. Ова е чекор кон економско јакнење на жената и нејзино активно вклучување во општествено-политичкото живеење во Општина Прилеп„ – рече градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески на оваа средба.
Со креирањето на Советот за женско претприемништво во Општина Прилеп предвидено е да се подобрат капацитетите на граѓанските организации кои поддржуваат женско претприемништво, како и да се зголеми видливоста на жените претприемачи како двигатели на промени во економската политика во Општина Прилеп.