Денеска во касарната „Мирче Ацев“ беше одбележан Денот на артилерискиот баталјон. На манифестацијата по повод 27 годишнината од формирањето на артилерискиот баталјон присуствуваше градоначалникот Илија Јованоски, високи претставници од АРМ, поранешни команданти, претставници од Сојузот на борци, претставници од јавниот и приватниот сектор. Вториот мешовит артилериски полк, како прва артилериска единица по формирањето на АРМ е формиран во прилепската касарна во 1992 година.
По повод денешното одбележување на Денот на артилерискиот баталјон пред присутните се обрати командантот на артилерискиот баталјон, потполковник Ѓорѓи Василески кој им го честита празникот на припадниците на артилерискиот баталјон осврнувајќи се на историјата на единицата, реализираните активности и постигнатите резултати во изминатиот период.
„Обучени сме за извршување на борбени задачи преку пружање на масовна, брза и прецизна огнена поддршка на маневарските единици. Со оган и маневар да се бориме и победиме во целиот спектар на операции за поддршка на мирот преку учество во ЛПБГ како прв деклариран борбен ентитет на АРМ во НАТО базенот на силите“, рече потполковник Ѓорѓи Василески, командант на артилерискиот баталјон. На свеченоста зборуваше и командантот на механизираната пешадиска бригада, полковник Драган Ковачки кој рече дека единицата во својот состав има одлични професионалци со огромно искуство кои покрај своите редовни обврски и задачи активно учествуваат и во разни проекти и активности организирани од страна на владините институции, локалната самоуправа, јавните и приватните претпријатија и останатите цивилни структури.
„Артилерискиот баталјон денес има декларирано и свои единици кои успешно го поминаа НАТО оценувањата ниво – 1 и ниво – 2 од страна на НАТО оценувачките тимови и се оценети со највисоки оценки како дел од средната пешадиска баталјонска група, подготвени за изведување на сите видови на операции во сложени услови надвор од нашата територија и предводени од силите на НАТО“, истакна полковник Драган Ковачки, командант на мешаната пешадиска бригада.
По повод денот на единицата беа доделени стимулативни мерки на припадниците на
баталјонот, а водот на потпоручникот Драган Ристевски беше прогласен за најдобар вод и го доби преодниот пехар и знаменцето на единицата. Во рамкитена денешното одбележување на Денот на артилерискиот баталјон на Општина Прилеп и јавните претпријатија „Комуналец“ и „Водовод и канализација“ им беа доделени благодарници за посебен придонес во остварувањето на цивилно воената соработка.