Со цел да поразговараат со месното население за прашања поврзани со водоснабдувањето на населеното место, екипа на ЈКП „Водовод и канализација“ денеска го посети село Канатларци.
Директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески, истакна дека после доаѓањето на новото раководство на јавното претпријатие, во Канатларци биле санирани повеќе од 30 дефекти, кои што биле причина, со години низ улиците на ова населено место, да истекуваат големи количества вода за пиење. Јанески напомена дека редовно се сервисираат водоводната мрежа и потопната пумпа во бунарот, со цел да се обезбедат потребните количества вода за секое семејство, а се задржа и на проблемот што актуелната локална власт го наследи од претходното раководство.
„Пред да биде целосно изграден главниот колектор од канализационата мрежа во Канатларци, беше распишан тендер и беше изведено вклучување на гранките на домаќинствата во главниот колектор, без претходно да биде обезбедено истекување на фекалната вода од главниот колектор. Со тоа постоеше ризик да се предизвика еколошка катастрофа, бидејќи низ шахтите почнаа да се прелеваат фекалии. Нашето јавно претпријатие, во соработка со Општина Прилеп и ЈКП ‘Комуналец’, постави таканаречени балони за собирање на фекалната урбана отпадна вода, направи целосно чистење на главниот колектор, на најниската точка инсталира пумпна станица за извлекување на отпадните води во соодветен таложник, со што беше спречена еколошка катастрофа“, изјави Јанески.
Првиот човек на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески ги демантираше прилозите на одредени медиуми, кои како што рече, во ист контекст го ставиле незадоволството на жителите на Канатларци од недоволните количества вода кои ги добиваат во последните 15 години, со напорите што ги прават новата локална власт и раководството на јавното претпријатие за само неколку месеци.
Исто така, Јанески истакна дека проблемот со водоснабдувањето на населеното место Канатларци, ќе биде решен долгорочно со изградба на нов бунар. За таа цел, се изготвува спецификација и ќе се објави тендер за изработка на проект, после што се подготвува соодветна документација и се распишува тендер за изградба на бунар, се вршат пробни бушотини и се испитува нејзината исправност во текот на четирите годишни времиња. Бунарот ќе биде ставен во употреба во март или април следната 2019 година.
„Сето тоа не се прави во рок од 8 месеци. Тоа требало да го направи во претходниот период од 12 години, некоја друга општинска власт. А, зошто не го направила тоа, треба да го прашате Марјан Ристески. Издашноста на постојниот бунар е 2,7 до 3 литри во секунда и во овој момент од причина што запреа земјоделските работи и што се санирани дефектите, сите 700 домаќинства со околу 2.000 жители во Канатларци се снабдени со вода, без какви било рестрикции“, потенцираше директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески.