Субвенциите за тутунопроизводство ќе бидат значително зголемени со исплата на ланската реколта (2017г). Како што соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски Владата воведува субвенционирање во три нивоа.
„Конкретно, за секој килограм откупен во прва класа, на тутунарите ќе им бидат исплатени по 80 денари за килограм,што е прво ниво. За втора класа ќе се исплаќаат по 70 денари што е второ ниво и трето ниво што изнесува 60 денари и важи за трета и четврта класа, како и за дополнителните класи“; најави министерот Николовски.
Досега на територијата на целата држава се откупени 23.500 тони тутун од ланската реколта, по просечна цена од 217.5 денари по килограм. Оваа е досега највисока просечна цена што е постигната во откупните кампањи на тутунот.
Според тоа на тутунарите ќе им бидат исплатени над 80 милиони евра, а за субвенции плус уште 28 милиони евра. Во Македонија од тутунопроизводство живеат и семејниот буџет го заокружуваат околу 23.000 домаќинства.
Владината одлука за субвенционирање на тутунопроизводство во три нивоа е изборно ветување, кое што годинава добива и практична реализација. Новата Влада ги остварува ветувањата кон тутунопроизводителите.