Во недела Прилеп ќе биде домаќин на првото „Special show – all around the world“ кое што го организира секцијата на фризери, бербери и козметичари од градот. Манифестацијата ќе се одржи во ноќниот клуб „ВИП“ со почеток во 16 часот. На настанот ќе учествуваат над 200 гости од цела Македонија,коишто поделени во 12 групи ќе имаат свој специфичен настап.
Целта на настанот е сплотување на фризерите, берберите и козметичарите како и изразување на нивната креативност.
„Да имаме сложност и пред се забава. На настанот ќе има гости од цела Македонија, ќе бидат околу 200 учесници кои ќе бидат во 12 групи. Една група се состои од 5 бербери, 5 фризери и 5 козметичари, кои ќе настапуваат со фризури и шминка. Настанот е замислен како шоу, нема да има натпреварувачки карактер“, изјави Зоран Бошкоски, член на секцијата.
Општина Прилеп е логистичка поддршка на оваа манифестација. Градоначалникот Илија Јованоски ќе го отвори овој монденски евент.
„И Општина Прилеп и јас како градоначалник ги поддржувам ваквите манифестации што ја поттикнуваат креативноста, придонесуваат за развој на одредени занаети, и го промовираат градот“, вели градоначалникот Јованоски.
Секцијата од Прилеп ќе ја претставува културата на Рио Де Жанеиро. Вакво шоу за прв пат се организира во Македонија, а влезот ќе биде бесплатен. По завршување на официјалниот дел, ова „Hair special show “ ќе продолжи со забава за сите учесници и гости.