По одржаниот работен состанок за навремено и ефинасно функционирање на зимската служба градоначалникот, Борче Јовчески заедно со вработени од Локалната самоуправа ја посети фирмата ДОО Изофас која е задолжени за зимско одржување на подрачјето на Општина Прилеп и изврши увид на состојбите во сообраќајот во градот во зимски услови.
„Согласно Оперативната програма за зимско одржување на улици и патишта на територијата на Општина Прилеп во должина од 141 км потполно сме подготвени за одржување и беспрекорно функционирање на сообраќајот на територијата на нашата Општина“, изјави градоначалникот Јовчески.
Со Оперативната програма се предвидени обемот, динамиката и нивото на одржување на улиците со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на градските сообраќајници во зимски услови.
„Нашата компанија која што е носител на набавката е спремна со пет опремени камиони со снежен плуг и со соларка за да обезбеди непречен проток на сообраќајот на целата територија на Општина Прилеп. Во текот на оваа јавна набавка ќе бидат искористени 700 тони сол и 210 м3 ризла кои што ќе бидат потреби за текот на целата сезона за да се обезбеди непречен тек на сообраќајот на целата територија на Општина Прилеп “истакна Фили Иваноски од фирмата Изофас.
Постапка за јавната набавка за „Одржување и заштита на автопати, улици и патишта (Зимско одржување) на територијата и за потребите на ЕЛС Општина Прилеп“, врз основа на Оперативна програма за организирање и функционирање на зимската служба на подрачјето од Општина Прилеп за сезоната 2021/2022 година донесена од страна на Советот на Општината, на која е избрана компанијата ДОО Изофаст е објавена на ден 30.07.2021 година, а договор со изведувачот договорниот орган Општина Прилеп го склучи на ден 15.10.2021 година.