Градоначалникот Илија Јованоски денеска оствари средба со членови на
Здружението за заштита на муслиманските гробишта од Прилеп. Во пресрет на
празникот Курбан Бајрам, претставниците на Здружението, од локалната
самоуправа побараа помош за оградување, уредување и изградба на патеки во
муслиманските гробишта во населбата Тризла.
Градоначалникот Јованоски истакна дека во рамките на своите можности и во
соработка со ЈКП „Комуналец“, Општина Прилеп ќе им излезе во пресрет на
граѓаните од муслиманска вероисповед, со цел за време на големиот верски
празник Курбан Бајрам, гробиштата да бидат комплетно исчистени и уредени.
На средбата, градоначалникот Јованоски и претставниците на Здружението се
договорија да биде направена детална финансиска пресметка за висината на
средствата потребни за изведување на поголемите градежни зафати на
муслиманските гробишта. Изработената финансиска конструкција, заедно со
проектот за уредување на гробиштата, ќе биде доставена до Општина Прилеп, со
цел да биде вклопена во буџетот за следната 2019 година.