По повод 23-ти Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, синоќа во собраниската сала на Општина Прилеп, се одржи трибина на тема „130 години од Македонската револуционерна организација“ на која говореше проф. по историја, Горјан Василевски. Тој ја истакна важноста и значењето од формирањето на ВМРО и нејзината историска улога во борбата на македонскиот народ за создавање на самостојна и независна држава.
На трибната пред присустните се обрати и градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески кој меѓу другото рече:
„Датум кога со длабок наклон ги чествуваме храбрите дела на нашите предци кои со организираното македонско револуционерно движење преку Илинден 1903 и Крушевската република, а потоа и преку НОВ придонесоа за создавање на модерна и самостојна македонска држава. Ние како генерација сега, имаме должност и аманет да си ја чуваме нашата Македонија, да се бориме и да работиме за оваа идеја и покрај сите актуелни предизвици со кои што срамно го оспоруваат нашето постоење како народ и држава. ВМРО претставува симбол зад кој треба сите граѓани на Република Македонија цврсто да застанат, без оглед на било каква припадност, бидејќи тоа е единствениот начин за подобра иднина на сите нас и единствениот пат за успешна и просперитетна држава.“ – истакна Јовчески.
Пред присутните свое обрајќање имаше и Претседателот на Советот на општина Прилеп, Дејан Проданоски кој потенцираше:
“Денес го празнуваме празникот за кој некои знаат да речат „празникот на ВМРО“, при тоа не знаејќи дека со таквото размислување се потценуваат самите себе си и дека на многу бизарен начин го покажуваат своето незнаење за сопствената држава и нацијата на која и’ припаѓаат. Одбележувањето на 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба е празнување на идејата за самостојна и независна Република Македонија. Овој ден претставува завет на македонските револуционери, предвесник на Македонската Револуционерна Организација, која го симболизира непокорот, патриотизамот и желбата за правда. Живееме во време, кога македонскиот народ е оставен сам на себе на милост и немилост, да се бори против сиромаштијата, економската криза, високите цени, прескапата струја, инфлацијата која го гризе неговиот џеб, додека пред очи му се сервираат некакви лажни ветувања за подобро утре. Подоброто утре може да биде овде и сега, во нашата држава, само доколку вистинските луѓе се постават на вистинските места, луѓе кои знаат и умеат да се носат со предизвиците на новото време. На Македонија и’ се потребни луѓе кои наместо за сопствени интереси, се спремни да работат за интересите на сите граѓани без исклучок!“ – рече меѓу другото Проданоски.
Трибината насловена „130 години од македонската револуционерна организација“ по повод Денот на македонската револуционерна борба – 23-ти Октомври, беше проследена со голем интерес од страна на граѓаните на општина Прилеп.