Во првите два месеца од годинава речиси за 40 отсто е поголем бројот на пожарите во Прилеп и Прилепско. Во јануари и овој месец, пожарникарите имале просечно по 100 интервенции месечно. Најчесто интервенирале при чистење на оџаци и пожари во атарите на населените места, предизвикани од палење трева.
„Зимската сезона се уште не заврши. Затоа апелираме сите домаќинства кои се греат на дрва, да ги чистат редовно оџаците, со цел да се спречи појава на пожар. Особено овој апел го упатуваме до граѓаните кои живеат во станбени објекти, каде што и последиците од пожар, можат да бидат далеку поголеми“, вели командирот Виктор Стојчески.
Тој на денешната прес конференција упати апел до сите граѓани да не ги палат тревите и стрништата. Граѓаните кои што на своја рака преземаат активности, кои се причина за појава на пожар во вакви случаи според него, треба да понесат и одговорност за штетите што ги предизвикуваат.
„Ваквите интервенции на пожари коишто се предизвикани од несовесните граѓани, непотребно создаваат проблеми во работата на ТППЕ. Со овие интервенции се оштетуваат возилата, се троши гориво, ангажираат луѓе, а во тој период може да се случи, да избувне пожар во куќи и други објекти од витално значење“, дадава командитор Стојчески.