Територијалната противпожарна единица од Прилеп доби ново возило за брзи интервенции

Во присуство на градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски,
директорот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, Гого Видимче
и претседателот на Совет на општина Прилеп, Миле Талевски, денеска беше
промовирано новото возило на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) –
Прилеп.

Новото противпожарно возило чини околу 5.000.000 денари, од кои 3.150.000
денари обезбеди Општина Прилеп, а останатите Пелагонискиот плански регион.

„Возилото најмногу ќе служи за брзи интервенции, затоа што има високопритисна
пумпа и собира доволна количина на течност и пена за гаснење на пожари.
Заедно со противпожарното возило се набавени и 10 комплети опрема за
пожарникарите. Сакам да кажам дека овде нема да застанеме со помагањето на
ТППЕ, во најава имаме донација на две половни противпожарни возила од страна
на прилепската компанија ‘Витаминка’ кои ќе бидат набавени во текот на месец
септември. Сакам да му се заблагодарам на директорот на Пелагонискиот
плански регион, за помошта во набавката на ова противпожарно возило“, истакна
градоначалникот Јованоски.

Директор на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, Гого Видимче
рече дека се следат барањата на градоначалниците на општините од регионот и
во координација со нив, се бараат начини за решавање на проблемите.

„Со самото доаѓање на функциите, градоначалниците од Пелагонискиот регион,
поточно од Битола, Прилеп и Ресен укажаа дека има недостиг на возила за
Територијалните противпожарни единици. Оттаму произлезе нашиот проект
‘Јакнење на капацитетите на ТППЕ во Битола, Прилеп и Ресен’ и преку тој проект
се набави противпожарното возило за Прилеп и 10 интервентни одела, додека за
другите општини се набавија 16 апарати за дишење со компримиран воздух и 55
одела за отворен пожар. Ова е проект од Програмата за рамномерен регионален
развој на Министерството за локална самоуправа, преку Бирото за регионален
развој, кои беа кофинансиери во набавката на ова возило“, нагласи Видимче.

„Ние како пожарникари упатуваме голема благодарност за донираната опрема,
особено за новото возило со кое ќе се постигне поголема ефикасност во работата.
Се надевам дека и понатаму ќе се продолжи со други донации, со цел да се даде
акцент за важноста на работата на пожарникарите“, порача командирот на ТППЕ-
Прилеп, Виктор Стојчески.

ТППЕ Прилеп располага со 7 противпожарни возила, чија просечна старост е
преку 20 години.