Светиниколскиот хуманитарен турнир ќе биде наменет за отворање Центар за деца со церебрална парализа

Градоначалникот Илија Јованоски денеска потпиша Меморандум за соработка со „Локалниот спортски сојуз –Прилеп“ за организација на традиционалниот светиниколски турнир во мал фудбал, што се одржува во рамките на чествувањето на празникот „Свети Никола“ – патронот на Прилеп.

Пријавувањето на екипите започнува денеска. Во турнирот ќе може да учествуваат: пионери, сениори и ветерани. Турнирот почнува на 12 декември и ќе трае до 28 декември. Средствата од овој спорски настан годинава ќе бидат наменети за отворање Центар за деца заболени од детска парализа.

„Турнирот ќе има хуманитарен карактер и средствата ќе бидат наменети за отворање Центар за децата со церебрална парализа. Овој чекор е продолжение на ветувањата што ги дадов на ‘Граѓански парламент’, да им излеземе пресрет на овие дечиња, кои што се оставени сами на себе во општеството“, рече градоначалникот Јованоски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Јованоски соопшти дека во Прилеп, од 85 до 100 деца боледуваат од детска парализа, затоа помошта за нив не смее да изостане.

„Со години наназад Здружението во кое членуваат родителите, мајките на овие деца се обраќале до Општината,барале да се реши овој нивен проблем, но безуспешно. Јас им ветив дека ќе се заложам. Оваа моја иницијатива ќе биде реализирана и дечињата ќе имаат простор во којшто ќе бидат згрижени, овој е еден од начините да покажеме почит и грижа и овие дечиња и за нивните родители. Тие треба да имаат свое место во општеството“, истакна градоначалникот Јованоски.

Тој додаде веќе е започна постапката за формирање на центарот, во којшто како што рече ќе работат родителите на овие деца.

„Значи две во едно. И децата згрижени и родителите вработени! Се разгледуваат неколку локации каде што би можел да биде сместен центарот,наскоро ќе одлучиме каде ќе функционира. Но, најбитно е што овој проблем вака ќе биде решен“, порача Јованоски.

На потпишувањето на меморандумот присуствуваше и менаџерката на „Комфи Ангел“, Ирена Јакимовска, која е еден од главните поддржувачи на турнирот и чиј татко бил иницијатор за негово одржување.

„Овој турнир беше инициран од мојот покоен татко, Велимир Јакимовски, нашата компанија, поддржани од локалната самоуправа. И на наше големо задоволство и новиот тим на локалната самоуправа и покрај тоа што имаше многу краток временскиот период го организира овој турнир и ја продолжи традицијата. Исто така ја поддржувам идејата за ‘Граѓанскиот парламент’ и згрижувањето на дечињата со церебрална парализа. Огромно е задоволството што средствата од овој турнир ќе се насочат на вистинско место“, изјави Јакимовска.

Од новоформираното здружение „Локален спортски сојуз-Прилеп“, најавија помош и поддршка на сите спортисти и спортски здруженија во градот.

„Ние успеавме во многу краток рок да го организираме овој турнир и мислам дека сè ќе помине во најдобар ред. Ги повикувам прилепчани и сите љубители на фудбалот на 16- дневно дружење, им ветуваме многу забава, интересен фудбал и се надевам дека ова е само еден добар почеток на враќање на спортот во Прилеп, што беше скоро на маргините. Се планира на турнирот да учествуваат од 32 до 35 екипи. Пријавувањето ќе започне од денес. Оваа година учествуваат пионери од 2004, 2005 и 2006 година. Има ветерани со старосна граница над 40 години и има сениори. Котизацијата минатата година беше 2.000 денари за пионерите, годинава е 1.500 денари, лани за ветераните беше 5.000 денари, сега е 3.000 денари, а за сениорите и сите што сакаат да се пријават до 5 декември котизацијата е 5.000 денари. До 12 декември котизацијата ќе биде 7.000 декември“, рече Гоце Макалоски, претседател на спортскиот сојуз.

Макалоски одговарајќи на новинарско прашање за улога на сојузот во иднина, ја истакна иницијативата сите спортски клубови и спортски работници да се приклучат кон сојузот, со цел спортот во Прилеп да се издигне многу повисоко ниво.