Со настапот на учесници од западниот дел на Република Македонија и од
општина Прилеп, синоќа на камената бина беше отворен 44. фестивал на народни
инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Во двата фестивалски дена, во Прилеп
и на долненската „Рудина“, пред љубителите на изворната македонска музика, ќе
се претстават околу 250 учесници од целата држава.
Во своето обраќање пред бројните посетители на плоштадот „Александрија“,
градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, рече дека македонскиот изворен
мелос е наша особеност и препознатливост во светот, по чии ноти свои
композиции креираат и светски познати музички имиња.
„Изворниот македонски мелос живее и низ фестивалот, низ љубовта што ја
негуваат изведувачите и којашто ќе се пренесува на идните генерации.
Традицијата не смее да згасне. Оттука сакам да ја поздравам организацијата на
фестивалот, и за годинешното одржување на традиционалниот семинар за
изучување на народни инструменти и песни. Македонскиот фолклор е вистинско
богатство, а голем е бројот и на талентираните народни музичари од сите
возрасти, кои што имаат значајна улога во негувањето и пренесувањето на
традицијата од колено на колено“, истакна градоначалникот Јованоски.
Прогласувајќи го за отворен, првиот човек на Советот на фестивалот, Илчо
Јованов, рече дека е особено важно што секоја година на фестивалската сцена
дефилираат голем број учесници, од најмлади до најстари.
„По 44. пат чичко Пеце нѐ собира овде по најубав повод, продолжување на
вековната традиција на нашата богата изворна музика, инструментална и вокална.
Голема работа е што фестивалот продолжува да живее. На него во изминатите 44 година продефилираа многу учесници од целиот свет и многу е убаво што има учесници од различна возраст, што се присутни и музичари, и пејачи, и изведувачи на нашата изворна музика“, изјави Јованов.
Вториот натпреварувачки ден ќе се одржи денеска, на „Рудина“ во Долнени, кога
својата умешност на изворните инструменти гајда, тапан, кавал и кемане, како и
уметноста на изведба на изворни песни, ќе го прикажат натпреварувачите од
источниот дел на нашата држава.
Во рамките на Фестивалот, под раководство на етномузикологот Горан Василески,
во Спомен-куќата на фестивалот се одржа и петтиот по ред семинар за изучување
на изворни инструменти и песни, на кој учествуваа 16 ученици од основното
училиште во Долнени.