Градоначалникот Илија Јованоски во текот на денот во својот кабинет прими претставници на синдикалната организација на фабриката за наменско производство, „11.Октомври – Еурокомпозит“ АД Прилеп, чии вработени денеска излегоа на протест.
Иако свесни дека локалната самоуправа нема ингеренции врз работата на фабриката, претставниците на синдикатот од градоначалникот побараа да посредува во изнаоѓањето решение за нивниот проблем, односно да им овозможи средба со претставници на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана.
Како и во неколку наврати претходно, градоначалникот Јованоски им излезе во пресрет на барањата на вработените, остварувајќи разговор со директорот на „11.Октомври – Еурокомпозит“ и со претставници на Владата.
Откако во текот на оваа година околу 150 вработени од фабриката за наменско производство заминаа технолошки вишок, а државата со закон им овозможи исплата на заостанатите плати и придонеси, фирмата продолжи да функционира со шеесетина вработени. Нивните очекувања се дека фабриката ќе склучи договори за работа со двете министерства, што ќе значи редовна плата и плаќање на придонесите за вработените.