Спроведена првата фаза од вакцинацијата на штитениците на Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“

Во соработка со Министерството за здравство и Општата болница „Борка
Талески“ од Прилеп, денеска беше реализирана првата фаза од вакцинацијата на
штитениците на Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“.

Градоначалникот Илија Јованоски, нагласи дека прилепскиот Дом за стари лица е
една од првите институции во кои се врши масовна имунизација и изрази надеж
дека започнатиот процес ќе продолжи и во другите институции.

„Се надевам дека овој процес ќе продолжи понатаму. Убеден сум дека во иднина,
колективната имунизација која треба да се спроведе во целата држава, ќе има
успех, бидејќи тоа е основа за победа на пандемијата“, изјави градоначалникот
Јованоски, за време на денешната посета на Домот на стари лица „Киро Крстески-
Платник“.

Мики Крстев, директор на Домот за стари лица, рече дека се вакцинираат
корисниците на услугите на Домот кои се над 60-годишна возраст, а очекувањата
се дека после Велигденските празници, ќе бидат вакцинирани и останатите лица.

„Вкупната бројка на корисници кои сакаат да се вакцинираат е 86, од вкупно 115
лица колку што во моментов ги користат услугите на Домот. Остануваат десетина
корисници кои се на возраст под 60 години, кои ќе бидат вакцинирани после
празниците“, потенцираше Крстев.

Во досегашниот тек на пандемијата на ковид-19, само кај еден штитеник од Домот
за стари лица биле констатирани лесни симптоми на заразната болест, што значи
дека менаџерскиот тим на оваа институција успешно се справил со пандемијата.