Советниците ја изгласаа одлуката за издавање на општинска обврзница

Предлог – одлуката за задолжување на Општина Прилеп преку издавање на обврзници, се најде на дневен ред на денешната,  25 –та седница на Советот на Општина Прилеп, каде советниците најмногу  дебатираа, изнесувајќи свои ставови и мислења по оваа точка. Со поименичното гласање советниците дадоа „зелено светло“ за издавање општинска обврзница во висина од пет милиони евра,  наменета за реализација на неколку капитални проекти во Општина Прилеп.

Советниците дадоа согласност и за тримесечниот извештај за финансиското работење на ЈКП ,,Водовод и канализација”-Прилеп, за период од 01.10.2022 година до 31.12.2022 година  и ги усвоија годишните сметки и извештаи за работењето на ЈКП Водовод и канализација-Прилеп за 2022 година, како и годишните сметки  и извештаи за работењето на ЈОУДГ ’’Наша иднина’’-Прилеп, на ЈОУ Дом за стари лица ,,Киро Крстески-Платник’’-Прилеп, за 2022 година  и  на неколку основни и средни училишта, но со 25 гласови против советниците не ја усвоија годишната сметкa и извештајот за работењето  на ЈОУ Градска библиотека ,,Борка Талески’’-Прилеп.

На 25та седница на Советот на Општина Прилеп беше донесена согласност за именување на членови и заменици во Акцискиот тим во заедницата на Општина Прилеп, а на дневен ред се најдоа  програмите на основните училишта за реализација на настава во природа за учениците,  програми на две основни училишта за изведување на  научно наставни – екскурзии во учебната 2022/2023 година,  како и 20 – тин одлуки за утврдување услови за донесување на урбанистичко –  планска документација, со која ќе се изврши проширување на планскиот опфат за вклопување на бесправно изградени објект на различни КП површини на територијата на Општина Прилеп, на барање на граѓани.