СОУ „Ѓорче Петров“ спроведува проект за обука на асистенти на лица заболени од Алцхајмерова болест

„Средствата кои ги инвестиравме во училиштето во висина од околу 3 милиони денари, со цел подобрување на условите за изведување на воспитно-образовниот процес, се од Министерство за образование и наука, буџетот на Општина Прилеп и сопствени средства на нашето училиште. Со нив, реновиран е кабинетот по информатика, за кој се набавија и 22 нови компјутери, 3 смарт табли, како и 10 нови компјутери за изведување на настава од далечина. Комплетно се сменети внатрешните врати на училниците, променета е и влезната врата на главниот влез, а се реновираа и тоалетите на приземје и на првиот кат. Со почетокот на 2021 година, започнавме со реновирање на преостанатите тоалети на приземјето и на вториот кат, чија вкупна инвестиција изнесува 764.000 денари. Исто така во училиштето започнавме со реализација на проект од UNDP за обука на возрасни, за асистенција на лица заболени од Алцхајмерова болест. После завршување на обуката, лицата ќе се здобијат со меѓународно признат сертификат“, истакнува Петра Лукароска, директорка на СОУ „Ѓорче Петров“.

Лукароска напомена дека со проектот за обука на лица за асистенти за Алцхајмерова болест ќе бидат опфатени 12 невработени кандидати, кои за време додека трае обуката ќе добиваат одредена финансиска надокнада.

Наставата од далечина во СОУ „Ѓорче Петров“ се одвива без проблеми, додека практичната настава за трета и четврта година се врши со физичко присуство на учениците, со запазување на сите мерки за заштита од Ковид-19. За таа цел, од страна на Центарот за граѓанска иницијатива, на 15 ученици од социјално ранливи семејства им беа доделени таблет компјутери.

Што се однесува до планираните проекти за тековната година, директорката Лукароска вели дека ќе се реализираат активности за промена на подовите во училиштето, а училишната зграда ќе добие нова фасада. За таа цел, направени се предмер и пресметка, од причина што проектот ќе биде аплициран до Министерството за образование и наука, од каде се очекува да бидат одобрени средства за негова реализација.