Во рамки на својот престој во Прилеп, заменик министерот за образование и
наука, Петар Атанасов заедно со градоначалникот Илија Јованоски, го посетија
ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“. На средбата со директорката на училиштето, Кети
Стевананџија, заменик министерот и градоначалникот разговараа за
реализираните и тековните проекти, како и за проблемите со кои се соочуваат
вработените и учениците во ова училиште.
„Со заменик министерот за образование и наука, Петар Атанасов денеска
разговаравме за образовниот процес во прилепските училишта и за тоа како да го
подобриме образованието, како да обезбедиме повеќе нагледни средства.
Денеска сме во ова училиште за да проговориме за реализираните проекти, но и
за она што треба во најскоро време да се направи“, изјави градоначалникот Илија
Јованоски.
Заменик министерот Атанасов, рече дека е запознат со сето она што во
изминатиот период го има направено новиот раководен тим на училиштето, како и
со постојните проблеми, пред се’ со недостигот од фискултурна сала.
„Може да се пофалиме дека општината издвои 3,5 милиони денари во изминатата
година. Реконструирани се тоалетите и повеќе од 10 училници и сето она што
беше приоритет од страна на инфраструктурата. Министерството за образование,
заедно со Агенцијата за спорт и млади и другите институции при Владата,
интензивно работат на реконструкција на основните и средните училишта.
Агенцијата за спорт и млади во наредниот период ќе гради 14 училишни базени, а
заедно со Министерството за финансии обезбедивме средства за реконструкција
на сите ученички и студентски домови во државата. Истовремено работиме и на
осовременување на сите наставни планови и програми во средното стручно
образование, со кои ќе стартуваме во септември, со цел за пазарот на трудот да
обезбедиме многу поспремни и поквалитетни кадри. Во план е да изградиме
спортска сала во ова училиште, се подготвува и проектот и се надеваме дека во
најскоро време салата ќе биде изградена“, истакна заменик министерот за
образование и наука, Петар Атанасов.
Кети Стевананџија, директорка на ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“, го искажа
задоволството од досегашната соработка со Општина Прилеп и со
Министерството за образование и наука и рече дека со нивна помош се
реализирани голем број проекти.
„Меѓу другите проекти би ги спомнала ‘Училишта на 21 век’, ‘Примена на
микробитови и критичко размислување’, заедно сме во мултидисциплинарен
проект со Техничкиот и Економскиот факултет, а во тек е акциското истражување
‘Стоп за булинг’. Направени со голем број промени и реконструкции во
инфраструктурата, останува да биде реализирана нашата најважна цел –
изградба на фискултурна сала“, нагласи директорката Стевананџија.
ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“ е формирано во 1960 година, има 905 ученици и 73
вработени.