Денеска, во целодневна работна посета на општина Прилеп престојуваше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, при што оствари средба со градоначалникот Илија Јованоски. На средбата се разговараше за стандардот на земјоделците и за иницијативата на Општина Прилеп и градоначалникот Јованоски, за одделување средства од општинскиот буџет, со кои ќе бидат обештетени земјоделците кои претрпеа штета од невремето кое во јули го зафати прилепскиот регион.
Градоначалникот Јованоски потенцираше дека заедно со министерот, ќе остварат средби со населението од регионот погоден од невремето, а ќе ги посетат и населените места Канатларци, Мало и Големо Коњари.
„Ќе ги посетиме и Галичани и Кадини село, каде на 23-ти јули се случи природна непогода при што од градот беа оштетени земјоделските култури, каде со земјоделците ќе разговараме за штетите кои ги претрпеа. Како што знаете, Советот на Општина Прилеп формираше комисија која ги разгледа поднесените 1.315 пријави за оштетени култури и која записниците ги испрати до Министерството за земјоделство. За прв пат од постоењето на локалната самоуправа, Општина Прилеп ќе издвои буџетски средства за обештетување на дел од штетите направени од невремето. Иако тие средства нема да ги обештат целосно, сепак во голема мера ќе придонесат за задоволување на основните потреби за припрема на следната реколта“, изјави градоначалникот Јованоски.
Мнистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски рече дека тутунопроизводството е една од стратешките гранки во земјоделството, кое добива силна поддршка од Владата на Република Македонија и која обезбедува девизен прилив од околу 100 милиони евра.
„Оваа година го воведовме концептот на субвенционирање во три нивоа, за прва класа 80 денари за килограм, за втора 70 и за трета класа 60 денари за еден килограм тутун. На тој начин, за 5 милиони евра е зголемена висината на субвенциите кои ги добија тутунопроизводителите. 28 милиони евра, навремено, кога се потребни, дојдоа кај 26.000 семејства кои се занимаваат со оваа значајна земјоделска гранка. Со новиот Закон за тутун се создаваат административни олеснувања, односно се отстрануваат одредени бариери кои ги имаа земјоделците при склучувањето на договори. Се укинуваат евидентните листови и се создава административен софтвер, во кој ќе се внесуваат сите податоци од страна на откупните компании. ЕУ одделува 40 отсто од својот буџет токму за секторот земјоделие и ова е еден од најзначајните сектори каде што стигнува целокупната поддршка за државите членки на ЕУ. Затоа 30-ти септември е многу важен за тутунопроизводителите, за земјоделците, за сите граѓани, за да го направиме овој крупен исчекор преку кој ќе дојдеме до повисоки откупни цени, до сигурен пласман, до зголемен извоз, до зголемени вработувања во целиот сектор, со влезот на Македонија на пазарот од 500 милиони граѓани, колку што изнесува пазарот на целата ЕУ. 30-ти септември е историската можност која граѓаните треба да ја искористат и да гласаат за европска Македонија“, истакна министерот Николовски.
Покрај посетата на населените места, министерот Николовски ја посети и Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Прилеп.