Со организација на настанот „Ден без автомобили“ и во тие рамки велосипедското дефиле, Општина Прилеп ги заокружи предвидените активности од Европската недела на мобилност, која годинава се одржуваше на тема „Пешачи со нас“.
Дел од велосипедското дефиле беа и градоначалникот Илија Јованоски и претседателот на Совет на општина Прилеп, Миле Талевски.
„Ова е последен ден од ’Европската недела на мобилност’, каде се вклучени педесетина земји и 2.000 градови во светот, меѓу кои и Прилеп. Мораме да им дадеме почит на сите љубители на велосипедизмот кои денеска се присутни со нас. Со вој настан сакаме да ја подигнеме свеста кај граѓаните, од најмладите до најстарите, што помалку да користат автомобили и што повеќе да одат пешки или да возат велосипед. Возењето на велосипед е корисно не само за здравјето, туку и за заштитата на животната средина. Затоа токму од овде, сакам да ги поздравам сите млади и да им порачам: користете велосипед, бидејќи не само што е поевтино туку со него до посакуваната дестинација ќе стигнете побргу“, изјави градоначалникот Јованоски.
Европската недела на мобилност има за цел да ја поттикне мобилноста на жителите на европските градови и да ги мобилизира градските власти и институциите да размислуваат, планираат и работат што повеќе да се користи алтернативниот превоз, а во исто време да ја подигнат јавната свест за придобивките од пешачењето и движењето.
Партнери во активностите предвидени со Европската недела на мобилност, заедно со Министерството за животна средина и просторно планирање, се Европската Делегација во нашата држава и ЕУ Инфо центарот во Скопје.