Денеска на германските воени гробишта во Прилеп, се одржа завршната
манифестација од двонеделниот младински камп на тема „Работа за мирот и
помирувањето, над гробовите на загинатите“. На манифестацијата учествуваа
ученици од средното стручно училиште „Јорг Церн“ од Уберлинген, СР Германија и
од СОЕПТУ „Кузман Јосифоски-Питу“ од Прилеп.
Присутните ги поздрави водачот на кампот, наставникот Хуберт Гобс, кој рече дека
целта на нивниот престој во Македонија е да помогнат во одржувањето на
германските воени гробишта во Прилеп и Битола.
„Во Битола имавме поголема обврска, требаше од коров и трева да го расчистуваме патот кој е поплочен со камен, а во Прилеп требаше со црна боја да ги означиме имињата на загинатите кои се гравирани во мермерните плочи.
Главната цел на нашето доаѓање овде, е да склучиме пријателства со младите од
Прилеп и Битола и со одржувањето на воените гробишта, да помогнеме во одржувањето на мирот и да покажеме како треба луѓето да се однесуваат во иднина“, истакна наставникот Хуберт Гобс.
Заменикот воен аташе во амбасадата на Германија со седиште во Албанија,
одговорен и за Македонија, Јохан Марц, потенцираше дека учениците тука доаѓаат
по сопствена желба и волја и дека сами го финансираат својот престој во
Македонија. Со тоа, како што тој истакна, до другите народи ја испраќаат пораката
дека сакаат да живеат во мир и посакуваат да има разбирање помеѓу народите.
На споменикот на загинатите, свежо цвеќе положија претставници на Општина
Прилеп.
Младинскиот камп беше организиран од страна на Здружението за грижа за
германски воени гробишта, од градот Касел, СР Германија. Во кампот беа вклучени
20 ученици од Германија и 7 од Македонија.