Со почитување на протоколите за заштита од коронавирусот, Општина Прилеп го одбележа Денот на независноста

Со полагање цвеќе на Могилата на непобедените и на споменикот на Методија
Андонов-Ченто, Општина Прилеп го одбележа Денот на независноста на нашата
држава, 8 Септември.

Во Паркот на револуцијата, на Могилата на непобедените, како и пред споменикот
на Ченто, цвеќе положија делегации на Општина Прилеп и општинскиот Совет,
предводени од градоначалникот Илија Јованоски и претседателката на Совет,
Еленче Ташкоска.

Покрај нив, во одбележувањето на Денот на независноста учествуваа и
претставници на Општинскиот одбор на Сојуз на борци – Прилеп, политички партии
и граѓански здруженија.

„Сонот за независна македонска држава и вековниот стремеж на македонскиот
народ, стана јаве на 8 септември 1991 година, кога нашите граѓани одлучија да
живеат во самостојна и независна држава. Аманетот на борците, од кои голем дел
ги дадоа своите животи за денешната слобода, се исполни, а ние се гордееме што
живееме во своја независна држава. Одовде упатувам апел до младите генерации,
да го следат патот на постарите, да ја чуваат, сакаат и развиваат својата татковина,
што ќе придонесе забрзано да одиме напред. Со членството во НАТО ја осигуравме
безбедноста на нашата држава, а со силни чекори се приближуваме и кон
Европската Унија. Од името на Општина Прилеп и од мое лично име, на сите
граѓани им го честитам Денот на независноста, 8 Септември. Нека е среќен и
вековит овој ден“, изјави во своето обраќање градоначалникот на општина Прилеп,
Илија Јованоски.

Порака до граѓаните, а пред се’ до младите, имаше и првиот човек на Општинскиот
одбор на Сојуз на борци – Прилеп, Круме Соколоски.

„Младите треба да знаат дека ако не беше Народно-ослободителната борба и ако
Тито не не’ признаеше како народ, немаше да постои независна Македонија.
Благодарејќи на правилната политика, уште во 1943 година во Јајце, македонскиот
народ беше карактеризиран како посебен народ, со своја државност и ние денеска
живееме во независна држава, призната и перспективна земја, со многу стручни
кадри. Со влезот во НАТО и ЕУ, стануваме членка на заедници кои и’ гарантираат
безбедност на нашата држава“, истакна Соколоски.

Во рамките на одбележувањето на големиот празник, Денот на независноста на
Република Северна Македонија, во одделението за трансфузиона медицина при
Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп, беше организирана крводарителска
акција.

Крводарителската акција беше во организација на Општина Прилеп, ОО на Црвен
Крст – Прилеп, Стопанската комора – Регионална комора Прилеп, Спелеолошкиот
клуб „Златоврв“ и Институтот за трансфузиона медицина.