Со несмален интензитет продолжува реконструкцијата на регионалниот пат за Мариово

Градоначалникот Илија Јованоски и министерот за транспорт и врски, Горан
Сугарески, денеска извршија увид во реконструкцијата на 8 километри од
регионалниот пат Лагово – Витолиште.

„Се надевам дека работите ќе бидат завршени до крајот на оваа градежна сезона.
Тоа е во интерес на граѓаните од регионот кои се занимаваат со земјоделие, со
пчеларство и сточарство, а и граѓаните кои живеат во Мариово ќе имаат благодет
од реконструкцијата на патот. Исто така, изградбата на патот е важен за развој на
туризмот во овој недопрен дел од регионот, за уживање во природните убавини на
Мариовскиот крај“, изјави градоначалникот Јованоски.

Градоначалникот се осврна и на изградбата на секундарната гасификациона
мрежа и рече дека во завршна фаза е изработката на основниот проект.

„За наредната година во општинскиот буџет беа планирани средства за секундарната гасификациона мрежа, во висина од околу 400.000 евра. Но последната информација која ја имаме од Владата, е дека секундарната
гасиофикациона мрежа во општините ќе биде реализирана по пат на јавно приватно партнерство и дека Владата ја презема обврската за тоа. Нашиот проект ќе биде готов до почетокот на објавата на јавната набавка и мислам дека Прилеп ќе биде меѓу првите општини во кои ќе се гради секундарната мрежа“, истакна градоначалникот Јованоски.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески најави дека сите активности на
Министерството по однос на изградбата на патишта, водоводни и канализациони
мрежи, како и изградбата на гасоводот и социјалните станови, продолжуваат со
ист интензитет и динамика како и пред изборите.

„Сакам да ги отфрлам шпекулациите од пред неколку денови дека не се работи на
овој пат, кои што беа пласирани во една друга насока. Изградбата продолжува според планираната динамика и овие 8 клометри ќе бидат завршени. Сакам да најавам уште посилна градежна офанзива во Пелагонискиот регион, каде ќе почне реконструкцијата на патот од Кривогаштани до Крушево. Исклучително е важно што следниот месец ќе бидат распишани два тендера: едниот за трите ленти од патот Фариш-Дреново во должина од 19 километри, како и тендерот за експресниот пат. Исто така, треба да се потенцира дека преку ресорното Министерство за транспорт и врски ќе бидат вложени околу 3 милиони евра во улици и патишта во овој регион, од кои 1.2 милиони евра за проекти во Општина Прилеп, меѓу кои прва ќе биде улицата ‘Мице Козар’. Се надевам дека локалната самоуправа ќе продолжи да работи со истото темпо со кое работеше и досега, со истата динамика ќе врши реконструкција на улици и патишта и решавање на градежно-комунални активности кои се од бенефит за граѓаните“, потенцираше
министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Сугарески најави дека општина Прилеп е една од општините во кои ќе се гради
зграда со социјални станови.