Со касапскиот грав во манастирот „Свети Ѓорѓија“, ставена точка на карневалот „Прочка 2019“

„Прилепски мечкари“ имаат најголеми заслуги за речиси дведецениската традиција на одржување на карневалот“, рече градоначалникот Илија Јованоски, акцентирајќи ја улогата на здружението и на денешниот посен ручек во манастирот „Свети Ѓорѓија“, каде присуствуваше и претседателот на Советот на Општина Прилеп, Миле Талевски. Со овој традиционален ручек организиран од „Прилепски мечкари“, заокружено е годинешното 18-то по ред издание на „Прочка 2019“,или како што рече градоначалникот Јованоски, овој е последен чин од меѓународниот карневалски спектакл, што побуди голем интерес и кај туристите и во медиумите.

 

„Во петокот беа изложени над 1.000 маски изработени од учениците од прилепските училишта. Во саботата беше организиран детскиот карневал, а вчера беше финалето на „Прочка 2019“. Посебно признание сакам да му искажам на здружението „Прилепски мечкари“, кое секоја година го организира овој ручек. Сето она што во годините наназад го прават членовите на ова здружение заслужува почит и е за поздравување“, истакна градоначлникот Јованоски.

На ручекот со кој официјално почнуваат велигденските пости, присуствуваа околу 250 гости од Прилеп, меѓу кои и 40 члената група од Бугарија, која годинава беше дел од манифестацијата „Прочка 2019“.