Со доделување на наградите за животно дело на годинешните добитници,
актерите Емил Рубен и Борис Чоревски и сценографот Крсте С. Џидров и
изведбата на претставата „Мој термин“ на МНТ, синоќа во ЦК „Марко Цепенков“
во Прилеп беше отворен 55 Македонски театарски фестивал „Војдан
Чернодрински“.
„По едногодишна пауза, вечерва фестивалски по 55-ти пат Прилеп ги отвора
вратите на храмот на Талија. Иако во пандемиски времиња, Прилеп и
театарската публика една недела ќе живеат со магијата на театарската
уметност, чествувајќи го 5 и пол деценискиот јубилеј на Македонскиот
театарски фестивал ‘Војдан Чернодрински’. Дозволете да им честитам на
годинешните лауреати на наградите за животно дело, на актерите Емил Рубен
и Борис Чоревски и сценографот, Крсте Џидров, како што впрочем одлучи
Собранието на Фестивалот. Како градоначалник на градот којшто 55 години е
домаќин на најреномираната театарска манифестација во државата, со
одговорност кон Фестивалот, кон уметниците коишто со својата посветеност го
плетат уметничкото театарско платно на Македонија, од оваа уметничка сцена,
ги упатувам моите искрени честитки и почит за сите уметници кои себеси се
вложиле во Фестивалот. Почитувани, драги актери учесници во ова јубилејно
издание, водете нé до сижето на претставите, со целата своја енергија и
креативност низ синхронизирана игра на сцената“, истакна во своето обраќање
градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.
„Маските се сега меѓу публиката, но сеедно, улогите не се променети. Желбата
и потребата да се негува духот, да се осмислува стварноста низ уметноста
одново го придвижуваат светот. Со посебна возбуда и жар повторното
отварање на театрите го враќа идентитет на градовите, пулсот на човештвото.
За тоа сте заслужни сите што сте на сцена и публиката. Вашата упорност
страст и љубов во овие времиња кои ги живееме, се победници во чувањето на
здравиот дух“, посочи министерката за култура, Ирена Стефоска.
На Фестивалот ќе бидат изведени 13 претстави, а ќе има и придружна
програма. Фестивалот беше отворен со претставата на МНТ „Мој термин“, во
режија на Синиша Ефтимов.
Фестивалот ќе трае до петок, 8 октомври, кога жирито во состав Ѕвездана
Ангеловска, Бајруш Мјаку и Александар Милосављевиќ, ќе ги соопшти
најдобрите остварувања на јубилејниот, 55-ти Македонски театарски фестивал
„Војдан Чернодрински”.
Во чест на наградените, Фестивалот ќе биде затворен со изведбата на
претставата на Драмски театар „Драмски за Конески”.
Синоќа, во чест на Фестивалот, во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“
беше отворена изложбата „Асоцијации“ од уметницата Росица Лазеска. На
оваа изложба Лазеска се претстави како автор со инвентивна ликовна
имагинација и изразито креативна енергија.