Од претпријатие со милионски долгови и незадоволни вработени, кои поради неисплатени додатоци на плата и јубилејни награди ја тужеа фирмата, ЈКП „Комуналец“ полека прераснува во финансиски стабилно јавно претпријатие кое работи во интерес на граѓаните.
Ова го истакна на денешната прес конференција, в.д. директорот на ЈКП „Комуналец“- Прилеп, Ѕвонко Јованоски. Тој рече дека освен неисплатените плати и додатоци на плата, на денот на неговото доаѓање на чело на јавното комунално претпријатие наследил огромни долгови за стар репрограмиран ДДВ, неисплатени обврски за ДДВ, камата за задоцнето плаќање за 2017 година, како и милионски обврски кон разни добавувачи.
„Наследив обврски по разни основи во вредност од околу милион евра, или поточно 55.000.000 денари. Воедно, наследив стар дотраен возен парк со просечна старост од 24 години и ова е еден од најтешко решливите проблеми во собирањето и транспортирањето на отпадот, за да можеме непречено да ја остваруваме нашата основна дејност.Со моето доаѓање наследив и еден мегаломански проект, изградба на хала за секундарна селекција на отпад, чија вредност се’ уште не е исплатена и со сериозни забелешки за нејзината економска исплатливост“, изјави Јованоски.
Првиот човек на ЈКП „Комуналец“ истакна дека во изминатите 7 месеци, откако е на раководна функција, намалени се сите непродуктивни трошоци за репрезентација, службени патувања, адвокатски и судски трошоци, а истовремено се зголемени фактурираните услуги кон граѓаните и фирмите, воедно е зголемена реализацијата на наплатата.
„Во моментов имаме 95% наплата на сметки, или повеќе собрани пари во вредност од 562.625 денари. Обврските кон добавувачите кои на 31.12.2017 година изнесуваа 24.477.000 денари, денеска се намалени на 17.613.239 денари. За прв пат по 10 години се исплатени дел од додатоците од плата за вработените како популарно речено ‘К-15’ или тринаесетта плата, јубилејни награди и отпремнина за пензионерите“, потенцираше на денешната прес конференција в.д. директорот на ЈКП „Комуналец“, Ѕвонко Јованоски.