Со изведбата на претставата „Драмски за Конески“ која се играше во чест на наградените, синоќа беше спуштена завесата на 55 издание на МТФ „Војдан Чернодрински“.
Во чест на наградените, беше прикажан омажот „Драмски за Конески“, во чест на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската литература и култура, Блаже Конески.
На лауреатите, наградите им ги доделија градоначалникот Илија Јованоски и Ѕвездана Ангеловска, претседателка на оценувачката комисија.
Прилепскиот театар се закити со две награди и тоа: награда за млад актер и награда за сценографија. Награда за рекламен материјал му беше доделена на Борче Димитријоски, за рекламниот материјал од претставата „ЕДВАРД РАЦЕ НОЖИЦИ“, во изведба на НУ Театар за деца и младинци од Скопје.
Награда за кореографија и сценски движења доби Игор Киров, за кореографија и сценски движења во претставата „ЕДИП КОМЕНТАРИ“, во изведба на НУЦК „Ацо Шопов“ – Театар Штип.
Наградата за музика ја доби групата „Фолтин“, за музиката во претставата „И КОЊИТЕ ГИ УБИВААТ, ЗАР НЕ?“ во изведба на НУ Народен театар – Битола, а наградата за костимографија и’ припадна на Роза Трајчевска–Ристоска, за костимите во претставата „МОЈОТ МАЖ“ во изведба на НУ Драмски театар – Скопје. Ивана Кнез е добитник на наградата за сценографија, за сценографијата во претставата „ГЛЕМБАЕВИ“, во изведба на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.
Награда за современа сценска драматизација им беше доделена на Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова–Петровска, за драматизација на колажот од раскази на Румена Бужаровска во претставата „МОЈОТ МАЖ“ во изведба на НУ Драмски театар – Скопје.
Наградата за млад актер „ТРАЈКО ЧОРЕВСКИ“ ја доби Исидор Јованоски за улогата Оливер Глембај,во претставата „ГЛЕМБАЕВИ“ во изведба на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“.
Наградата за млада актерка и’ припадна на Сабина Мемиши, за улогата на Олга во претставата „МУРЛИН МУРЛО“, во изведба на НУ Албански театар – Скопје.
Наградите за женска и машка епизодна улога ги добија Гентиана Рамадани за улогата Ина во претставата „МУРЛИН МУРЛО“ во изведба на НУ Албански театар – Скопје и Горан Стојаноски за улогата за улогата на Силвестер во претставата „КРИК ЗА ЉУБОВ“, во изведба на НУЦК „Григор Прличев“ Народен театар – Охрид.
Награда за главна машка улога му беше доделена на Јордан Симонов, за улогата на Филип во претставата „МОЈ ТЕРМИН“, во изведба на НУ Македонски народен театар – Скопје, а награда за главна женска улога на Наталија Теодосиева, за неколкуте ликови во претставата „МОЈОТ МАЖ“, во изведба на НУ Драмски театар – Скопје.
Наградата за режија му припадна на Мартин Кочовски, за претставата „И КОЊИТЕ ГИ УБИВААТ, ЗАР НЕ?“ во изведба на НУ Народен театар – Битола.
Награда за уметничко остварување на претстава во целина, и’ беше доделена на претставата „И КОЊИТЕ ГИ УБИВААТ, ЗАР НЕ?“, во изведба на НУ Народен театар – Битола, а наградата за севкупен уметнички ангажман и резултат на авторот и актерите, на претставата „МОЈОТ МАЖ“, во изведба на НУ Драмски театар од Скопје.
На програмата на Фестивалот беа 13 претстави, а публиката не можеше да ја види само претставата на Кумановскиот театар, која беше одложена поради болест на еден од актерите.
Организаторите се надеваат дека следната година оваа престижна манифестација ќе се одржи во редовниот термин, во јуни.