Министерот за здравство Венко Филипче, денеска престојуваше во работна посета на Прилеп, при што ги посети детското и очното одделение во Општата болница „Борка Талески“.
Во изјавата за медиумите, министерот посочи дека со директорот на болницата, Драги Богојески и со градоначалникот Илија Јованоски, како колега од здравствената фела, разговарале за проблемите со кои се соочуваат лекарите во својата работа, но најмногу за потребите на болницата во однос на кадарот, опремата и инфраструктурното подобрување на болницата.
„Разговаравме за потребите од дополнителен кадар, најмногу за доктори и медицински сестри. Одредена бројка е веќе дозволена од Министерството за финансии, како што впрочем во сите здравствени установи во земјата, од јануари досега се примени 2.200 луѓе. Разговаравме и за потребата од специјализации, а после измената на Програмата за специјализации донесена на последната седница на Влада, прилепската болница ќе ги добие потребните специјализации, врз основа на процената какви кадри недостигаат. Со меѓународни финансиски институции, правиме процена кој дел во болниците треба инфраструктурно да се подобри, а разговараме за тоа прилепската болница целосно да се реновира, во смисла на тоа да се замени фасадата и да стане енергетски ефикасна“, изјави министерот Филипче.
Министерот за здравство потенцираше дека во моментов државата се соочува со недостиг на медицински кадар, а голем проблем претставува и недостигот на ментори за одредени специјалности. Од тие причини, како што рече Филипче, се размислува за повеќе модели, меѓу другото и за тоа како да се задржат постарите доктори на работа, за да ги едуцираат нивните помлади колеги.
Драги Богојески, директор на прилепската болница „Борка Талески“, рече дека болницата се соочува со недостиг на кадри во сите одделенија, а проблем претставува и старосната возраст на персоналот, заради голем дел од нив се наоѓаат пред пензионирање.
„Се надеваме дека заради недостигот од лекари, дел од нив ќе останат да работат уште некој период. Имаме недостиг во речиси сите одделенија, во очно, гинеколошко, хирургија, за скоро време така ќе биди и во ортопедското одделение. Не знам како ќе оди надминувањето на тој проблем, слушнавме од министерот дека во таа насока се прават одредени организациски пристапи. Во однос на опремата, од донација добивме колоноскоп, кој навистина ни недостигаше, а добивме и мобилен рендген апарат за потребите на ортопедија. Се опремивме и со пациент монитори, со апарат за анестезија, плазма стерилизатор, а во процедура е набавка на опрема за физикална терапија“, истакна Богојески.
Сепак, она што според директорот Богојески најмногу ѝ недостига на прилепската болница, се триесетина доктори специјалисти од различни дејности.