Во ООУ „Круме Волнароски“ во населеното место Тополчани, во периодот од 2018 до 2020 година, со помош на Општина Прилеп извршени се значајни инфраструктурни зафати, чија вкупна вредност изнесува над 2.4 милиони денари.
Директорката на ООУ „Круме Волнароски“, Јасмина Караниколова, истакнува дека освен во централното училиште во Тополчани, градежни зафати и набавка на опрема е извршена и во подрачните училишта во населените места Алинци, Загорани, Ново Лагово и Беровци.
„Покрај целосното оградување на училишниот двор, направивме реконструкција на фасадата, покривот, подовите и скалишното јадро во централното училиште во Тополчани, каде изградивме и монтажен летниковец во училишниот двор наменет за еко-училница, а го реконструиравме и руинираниот ходник во подрачното училиште во Старо Лагово. Минатата година, преку апликацијата на ЕЛС на Општина Прилеп, а со средства на Секретаријат на Владата од програмата за енергентска ефикасност и намалување на загадувањето, се изврши замена на дотраената столарија и браварија во подрачните училишта во населените места Алинци и Загорани. За таа цел, инсталирани се и клима уреди во училиштата во Ново Лагово, Беровци и Алинци, додека во подрачното училиште во Загорани заменета е дограмата“, нагласи директорката на училиштето, Јасмина Караниколова.
Таа истакнува дека согласно финансискиот план одобрен од Општина Прилеп, извршена е набавка на материјали и стоки, а она кое Караниколова посебно го потенцира, е доброволниот ангажман на техничкиот персонал кој извршил санација на подот во подрачното училиште во Ново Лагово, во вредност од 100.000 денари.