Слепите лица од Прилеп, Скопје, Кавадарци и Битола се натпреваруваа во гол- бал

Во организација на Здружението на слепи лица од Прилеп, денеска во спортската
сала на ООУ „Гоце Делчев“ се одржа традиционалниот четворомеч во гол-бал,
помеѓу здруженијата од градовите Скопје, Кавадарци, Битола и Прилеп.

На натпреварите присуствуваше и градоначалникот Илија Јованоски, кој рече
дека освен моралната поддршка, Здружението на слепи лица ќе го помага и со
финансиски средства.

„Втор пат во Прилеп се организира еден ваков натпревар и посебно ми е драго
што присуствувам на спортскиот натпревар на овие наши граѓани. Општина
Прилеп и јас како градоначалник ќе ги поддржуваме ваквите натпревари, особено
затоа што знам, колку тоа ним им значи. Поддршката ќе ја даваме и во иднина, со
цел да им овозможиме на овие граѓани да се дружат, да се натпреваруваат и да го
развиваат спортскиот дух“, изјави градоначалникот Јованоски.

Претседателот на Здружението на слепи лица од Прилеп, Благоја Мишески, рече
дека овој турнир помеѓу четирите здруженија се организира повеќе од 10 години.

„Сакам да им се заблагодарам на локалната самоуправа и градоначалникот Илија
Јованоски, за дадената финансиска поддршка за организирање вакви турнири.
Нивната помош ја имаме и за остварување на целите и задачите на здружението,
како и на останатите активности што ги имаме планирано за оваа година“, вели
Мишески.

Претседателот на прилепското Здружение на слепи лица, Благоја Мишески,
појасни дека натпреварите помеѓу четирите здруженија редовно се организираат и
во останатите три градови: Скопје, Кавадарци и Битола.