Градоначалникот Илија Јованоски, националниот координатор за воени и
полициски ветерани, Стојанче Ангелов, советник за одбрана на
претседателот на Владата на РМ, Драган Василески, претседателот на
Здружението на резервни воени обврзници, учесници во настаните 2001/2002
година Рубин Секулоски, директорката на Здравствен дом, Оливера Аџиоска
и директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, Живко
Силјаноски, денеска го посетија домот на бранителот Драган Спасески, кој
што пет години живее без струја и со бројни социјални и здравствени
проблеми.
Градоначалникот Јованоски, најпрвин се интересираше за здравствената
состојба на Спасески. По разговорот со него и неговата сопруга, Јованоски
истакна дека ќе бидат преземени сите мерки во негови и ингеренции на
Општина Прилеп, со цел да се решат најгорливите проблеми на Спасески.
Градоначалникот потенцираше дека Општина Прилеп ќе се заложи да се
реши проблемот со повеќегодишниот неплатен долг за електрична енергија,
којшто во моментов изнесува 91.843 денари, ќе му биде исплатена парична
помош. Воедно бранителот ќе биде хоспитализиран со цел да се стабилизира
неговата здравствена состојба.
Националниот координатор за прашања поврзани со бранителите, Стојанче
Ангелов, истакна дека државата има обврска да се грижи за бранителите од
2001 година како што е Драган Спасески, а посебно за бранителите кои имаат
последици. Ангелов потенцираше дека дека курсот на оваа Влада води кон
институционализирање на проблемите поврзани со бранителите, преку
воведувањето на функцијата национален координатор на воено – полициски
ветерани, што во моментот тој ја извршува, а со што Владата испраќа јасна
порака дека е спремна да помогне на сите бранители кои се во тешка
положба.
Ангелов потенцираше дека во следните неколку денови ќе ги преземат сите
оние активности коишто како државни органи можат да ги преземат,
почнувајќи од помошта при плаќањето на сметките за електрична енергија,
потоа да се обезбедат дрва за огрев и хоспитализирање на поранешнот
бранител Драган Спасески.
Додвајќи дека секојдневно помагаат на по неколку бранители од 2001 година,
без притоа да се прави ПР од таквите судбини, Ангелов испрати порака и до
сите бранители кои се ваква незавидна здравствена и социјална положба, да
се обратат до него како координатор, со цел да се изнајдат начини да им се
помогне во решавањето на нивните проблеми и за стекнување на правата
коишто им следуваат.
Директорката на Здравствен дом, Оливера Аџиоска со екипа од Службата за
домашно лекување го посети Драган Спасески. При тоа му е ординирана
соодветна терапија. А, како што рече директорката Аџиоска, и по
хоспитализацијат на Спасески, тој ќе биде редовно посетуван од екипите на
службата за домашно лекување.
Живко Силјаноски, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјална
работа, потенцираше дека Драган и Виданка Спасески се корисници на
правото на социјална помош повеќе од 25 години и во тој период речиси
постојано биле изложени на некои специфични социјални ризици.
Исто така, Силјаноски напомена дека Драган и Виданка имаат син и ќерка,
кои имаат и законска обврска да им помагаат на своите родители, но тие не
го прават тоа во потребната мерка.