Семејството Јованоски со свои маски за „Прочка 2018“

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски и неговата сопруга, Виолета
Јованоска во знак на поддршка на традицијата на носење маски на овие
простори, а особено во знак на што поширока промоција на карневалот
„Прочка 2018“, носеа уникатни маски.

Градоначалникот Јованоски ја носеше маската на Минато Намиказе,
градоначалникот број 4, од популарниот јапонски цртан филм „Наруто“,
којшто плете приказна во која единствен победник е иднината. А,сопругата
Јованоска ја носеше маската на Кушина Узумаки, сопругата на
градоначалникот Намиказе.

„Нас нè инспирираше познатиот јапонски цртан филм ‘Наруто’. Нашите
маски се Минато Намиказе и Кушина Узумаки, поточно родителите на
Наруто. Ова се ликови кои ги карактеризира една огромна борбеност,
пожртвуваност, взаемна љубов, посветеност… сè со цел да се обезбеди
иднината и да се спаси животот и доброто кај луѓето“, изјави Јованоска.

Семејството Јованоски со оваа маска испраќа порака, дека доброто треба да
владее со светот, дека секој влог во сегашноста, впрочем е влог во иднината и
дека всушност плодовите на иднината, треба да ги креираме само врз добри
дела.

Со изборот на маски од ликови од јапонски цртан филм се испраќа порака, за
уште поголема интернационална промоција на карневалот, со цел Прилеп
преку „Прочка 2018“ да има значајно место не само на македонската и
балканската, туку и на европската и светска мапа на карневалски градови.

„Со доделувањето на наградите на најдобрите маски по категории,
заокружуваме едно успешно издание на ‘Прочка2018’, што ќе остане
запаметено по голем број гости и извонредни маски“, порача
градоначалникот Јованоски.