Во повеќе населби од градот, Општина Прилеп и ЈКП „Комуналец“ ги интензивираат работите на терен, во насока на уредување на запуштените парковски површини, обновување на спортски игралишта и средување на површините обраснати со трева и грмушки.
Во „Варош“ се работи на генерално чистење на населбата, а посебен акцент е ставен на просторот околу амфитеатарот, каде се обновени уништените клупи и реквизитите од детското игралиште.
После долго време, во населбата „Бончејца“ е уреден просторот помеѓу улиците „Бидимаш“ и булеварот „Гоце Делчев“. Екипи и механизација на ЈКП „Комуналец“ отстранија корени од дрвја, што со години го нарушуваа изгледот на оваа урбана населба, дрвјата се искастрени, а теренот е израмнет.
Засилени се и активностите за уредување на населбата „Точила“. Овде се обновуваат спортските терени и детските игралишта, а наскоро време ќе бидат поставени и нови реквизити. Градежни работи се вршат и во населбата „Точила 1“, во паркот што се протега на површина од 23.000 м2 и е еден од најголемите во општината.
Работите на терен ќе продолжат. Во август ќе продолжи уредувањето и на останатите делови од градот.