„Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост ‘ПОРАКА’ од Општина Прилеп ќе добие на користење уште две простории“, најави градоначалникот Илија Јованоски, при денешната посета на оваа невладина организација. Со ова како што велат од „ПОРАКА“ значително ќе се подобрат условите за работа.
„Мора да најдеме начин за наша поголема инклузивност во социјалната
сфера на нашето општество. Оваа наша денешна посета ќе биде поттик и за
останатите здруженија. ‘ПОРАКА’ нека им биде пример, затоа што
најголеми дел родители на лицата што го посетуваат Центарот, работат
како волонтери. Како градоначалник, фокусиран сум на оваа група на лица со
попреченост. Во тек е постапката за изградба на Центар за деца со церебрална
парализа и, како што ветив, во текот на оваа година, тоа ќе биде реализирано“,
изјави градоначалникот Јованоски.
Во исто време, Јованоски најави дека наскоро во рамките на проект, финансиран преку Програмата за развој на Обединети Нации (УНДП), Општина Прилеп ќе обезбеди стручен кадар,што ќе им помага на овие граѓани.
Според оценките на претседателот на „ПОРАКА“ од Прилеп, Раде Аљакоски, за изминатите три и пол години, откако е формирано ова здружение, забележан е огромен напредок кај овие лица со одредена попреченост.
„Ако зборуваме за периодот пред дваесетина години, можам да кажам дека не ни можеше да се замисли дека ќе може да има социјални клубови, дневни центри и мали групни домови. Со помош на локалната самоуправа и помошта на одредени министерства, појдовме многу далеку. А, со потпишувањето на Женевската конвенција, работите полека се средуваат. Ова треба да биде поттик и останатите градови во државата, да им помагаат на лицата со попречености“, порача Аљакоски.
Како родител на дете со Даунов синдром, Емилија Котеска посочи на проблемите
на родителите, со деца со попречености.
„Проблем е тоа што секојдневно треба да бидеме дома, за да им пружиме грижа на нашите деца, кои наполниле веќе 18 години. Јас сум самохран родител на две деца и останувањето дома, за мојата ќерка е поголем проблем, затоа што така, таа се затвора во себе. Со доаѓањето во овој клуб во изминатите три и пол години, постигнат е
голем напредок, зашто вака таа се социјализира. Навистина сум благодарна за тоа, бидејќи самотијата е голем проблем за неа. Би сакала овој клуб да прерасне во дневен центар, каде нашите деца би можеле секојдневно да се дружат, да работат и да имаат некакви активности“, потенцира Котеска.
Социјалниот клуб на „ПОРАКА“ од Прилеп, во моментов го посетуваат 20 лица, а по
проширувањето на просториите,ќе може да доаѓаат уште десетина граѓани повеќе. Според евиденцијата на „ПОРАКА“, во Прилеп живеат околу 400 лица со лесна, умерена и тешка попреченост.